Судот во Ним одлучува дали Хаџиски ќе биде екстрадиран во Македонија
Денеска судот во Ним ќе одлучува дали Зоран Томовиќ или Миле Хаџиски кој се сомничи дека е припадник на организираната криминална група „Пинк Пантер“, ќе биде испорачан на македонските власти. Францускиот суд денеска треба да се изјасни и за барањето на Хаџиски за пуштање на слобода.
Како што јавува МИА, одлуката за испорачување на Македонија беше одложена на расправата која се одржа на 28. август кога судот се спротистави на барањето на Швајцарија за екстрадиција, поради тоа што тој имаше француско државјанство во моментот на делата за кои е обвинет.
Томовиќ во Македонија е осуден во отсуство на 20 години затвор поради убиство на неговата пријателка Мери Јошевска во 1993 година.
Непосредно пред судската расправа, дописникот на МИА од Париз имаше телефонски разговор со адвокатката која го застапува пред судот во Ним, Селин Алкалд која изјави дека на судската расправа се појавуваат со уверување дека ќе добијат слична пресуда како при барањето за екстрадиција од страна на Швајцарија, кое беше отфрлено.
- Декретот за државјанството ми беше даден од страна на францускиот амбасадор во Џибути во август 2002 година, раскажа Томовиќ пред судот во Ним.
- Миле Хаџиски, роден во 1972 година во Црна Гора“. Тоа е неговиот вистински идентитет при раѓањето. Тој не го прифаќа барањата за екстрадиција издадено од страна на Македонија. Јавниот обвинител на расправата на 28. август објасни дека околу барањето на Швајцарија, тој имаше француско државјанство во моментот на делото и не може да биде испорачан, Франција не ги екстрадира своите државјани. За барањето кое го има доставено Македонија, на датумот кога е направено делото, тој немаше француско државјанство, нема мотив за да се спротистави на неговата екстрадиција, објасни тогаш обвинителот.
Но, јавното обвинителство од Ним пред да се изјасни сакаше да ги добие оригиналните документи за барањето за екстрадиција од страна на Македонија, пред да се донесе одлуката. - Тој беше осуден, ослободен, па повторно осуден во негово отсуство. Четири противречни пресуди. Условите гарантирани од Европската конвенција за човекови права не се почитувани, појаснува неговата адвокатка Селин Алкалд.
На прашањето зошто побегнал од швајцарскиот затвор, Зоран Томовиќ објаснува дека во Швајцарија обвинителот е истовремено и истражен судија. И тој, вели, покажал целосна непарцијалност. Притоа се пожали дека бил жртва на расизам од негова страна и поради тоа учествувал во бегството од затворот. Неговата адвокатка дополнува дека не може да биде екстрадиран, бидејќи има француско државјанство. Зоран Томовиќ не се спротиставува да ја одлежи казната затвор во Франција, ако се потврди неговата вина, бидејќи судењето се уште не е одржано, притоа таа бара ослободување на нејзиниот клиент.
Името на Хаџиски и стана познато на македонската јавност во 1993 година кога се случи грозоморното убиство. Тој беше осомничен, а подоцна и осуден во Основниот суд Скопје 2, тогаш надлежен за вакви кривични дела. Доби 20 години затвор, но пред да биде донесена конечната одлука во Македонија, Хаџиски им побегнал на македонските истражни органи со што практично не е докрај разјаснето ова грозоморно убиство. Во меѓувреме тој свое засолниште нашол во Легијата на странци, под лажен идентитет. Потоа се претпоставува дека тој бил вплеткан во криминалната мрежа на светски познатите ограбувачи „Пинк Пантер“. Уапсен беше лани во Швајцарија каде што му се судело за други дела, а потоа откако побегна од тамошниот затвор фатен е на 19 август во Франција.