МО: ВМРО-ДПМНЕ нека не се грижи за АРМ, имаше 10 години да ја опреми, но не го стори тоа

 

ВМРО-ДПМНЕ нека не се грижи за АРМ. Ако толку и беше грижа, имаше десет години да ја опреми, осовремени и модернизира одбраната. Но, за време на нејзиното владеење единственото нешто за што и беше грижа беше како да ја засили полицијата за да може да изгради бедем околу криминалната влада, незаконски да прислушува, да следи и да заплашува, реагира Министерството за одбрана по вчерашното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ според кое „Армијата служи за потсмев поради неодговорноста и аматеризмот на власта“.

-Ние објавуваме за набавки на гуми за армиските возила и за обувки за војниците токму затоа што во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ такви набавки не се ни вршеле. Таква состојба наследивме, оттаму и почнавме. Но, да ја потсетиме партијата ВМРО-ДПМНЕ чие довчерашно раководство половина е во притвор, а половина во бегство од правдата, дека ние го зголемивме и буџетот на одбраната за 15 проценти, ги зголемивме платите за 10 проценти, а идната година за уште 5 проценти, го вративме плаќањето на дежурствата, ја вративме јубилејната награда, во рекордно време изготвивме Стратешки одбранбен преглед. Од безнадежен случај, земјата за една година ја доведовме на прагот на НАТО. Што направивте вие господа додека бевте на власт?, стои во реакцијата од МО.

Министерството додава и дека додека јавноста е вџашена од вртоглавите суми од повеќе десетици милиони евра кои се изнесувани од државата од страна на видни членови на претходната власт, ВМРО-ДПМНЕ измислува приказни за да ги задуши вестите за оваа „пљачка без преседан во македонската и во европската историја“.

-Оттука и вашето потсмевање со набавените гуми за армиските возила е само уште една демонстрација на арогантен однос кон припадниците на АРМ кои ја делат судбината со останатите граѓани на земјата што ја опустошивте, наведува Министерството за одбрана во реакцијата. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

25.11.2018 - 10:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега