Влада на РМ: Осудениот Груевски ќе ја отслужи казната во Република Македонија
Владата на Република Македонија очекува дека властите во Будимпешта безусловно ќе го прифатат барањето за екстрадиција и ќе овозможат враќање на Никола Груевски во Македонија со цел да си ја отслужи казната затвор и да одговара за останатите дела за коишто е обвинет. Од Владата посочуваат дека Груевски е осуден во јавен и транспарентен процес и негираат дека тој во ниту една ситуација нема пријавено закани по неговиот живот.
-Никола Груевски е осуден со правосилна пресуда во јавен и транспарентен процес, а истовремено против него се водат уште неколку судски постапки, истраги и уште една предистражна постапка. Осудениот Никола Груевски беше под полициска заштита согласно со правата кои му следуваа како поранешен премиер и тој во ниту една ситуација нема пријавено закани по неговиот живот, се наведува во соопштението од владината прес-служба.
Против Груевски, како што се додава во соопштението, никогаш не бил воден никаков политички прогон и не се евидентирани никакви закани по неговиот живот, ниту пак која било владина институција вршела закани по неговиот живот. – Оттука констатираме дека единствена цел на Груевски е избегнување на правдата, се додава во соопштението.
Владата на Република Македонија официјално покрај протестната нота доставена вчера за улогата на амбасадите на Унгарија во неговото бегство од земјата и официјално ќе испрати барање за екстрадиција проследено со севкупната документација за процесите и пресудата.
– Владата на Република Македонија очекува дека властите во Будимпешта безусловно ќе го прифатат барањето за екстрадиција и во согласност со почитувањето на меѓународното право како земја членка на ЕУ и НАТО ќе овозможат враќање на Груевски во Македонија со цел да си ја отслужи казната затвор и да одговара за останатите дела за коишто е обвинет, се наведува во соопштението.
Република Македонија, како што стои во соопштението од владината прес-служба, е правна држава во која владеат законите. – Секој оној за кој се докажало дека ги прекршил законите и секој оној за кој има правосилна пресуда, ќе одговара за своите постапки, посочуваат од Владата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа