Владина делегација предводена од премиерот Груевски во посета на САД

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, од вчера, е во работна посета на САД, која ќе трае се до сабота.

Груевски заедно со државна делегација која ќе присуствува на Генералното Собрание на Обединетите Нации каде што и ќе се обрати, ќе присуствува и ќе се обрати на повеќе бизнис форуми за презентација на можностите и поволностите кои Република Македонија ги нуди на странските инвеститори. Исто така, премиерот ќе оствари посета на повеќе американски медицински установи во насока на овозможување на соработка со македонските здравствени институции. 

 

 Претседателот на Владата Груевски, ќе ја предводи делегацијата на Република Македонија која ќе присуствува на 68-то Генерално Собрание на Организацијата на Обединетите Нации. Премиерот Груевски вчера присуствуваше на приемот на шефовите на делегациите учесници на 68-то Генерално Собрание на ООН кој го организираше американскиот претседател Барак Обама. Премиерот Груевски ќе се обрати на Генералното Собрание на ООН во петок на 27.09.2013 година.

 

Владината делегација во чиј состав се заменик претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески, министрите за привлекување странски инвестиции Веле Самак и Џери Наумоф, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо, и владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, ќе присуствува и ќе се обрати на бизнис форуми во градовите Принстон, Чикаго и Бостон каде што пред претставници на американски компании ќе бидат презентирани можностите за инвестиции во Македонија и поволностите кои нашата земја ги нуди за странските инвеститори.

 

 Во рамки на посетата на САД, премиерот Груевски во придружба на министерот за здравство Никола Тодоров, ќе оствари посета на повеќе медицински центри, болници и здравствени капацитети во Принстон, Чикаго и Бостон, и ќе оствари средба со менаџерските тимови на истите.

24.09.2013 - 09:19