СДСМ: Владата ја продолжува политиката на задолжување на државата

 

Во петокот, на прес конференција, Министерот за финансии најави дека се изработени и доставени за усвојување до страна на Собранието на РМ неколку клучни документи од фискалната област: завршна сметка за буџетот за 2012 година, ребаланс на буџетот за 2013 година, предлог буџет за 2014 година, среднорочна фискална стратегија за периодот до 2016 година.

 Во оваа пригода, ќе се осврнеме на наодите кои беа искажани на таа прес конференција во однос на завршната сметка за буџетот за 2012 година и ребалансот за буџетот за 2013 година:

 1.    Завршната сметка за буџетот за 2012 година веќе е задоцнета речиси 3 месеци. Тоа претставува прекршување на законот. Заради избегнување на ваквата практика во иднина, а во услови на целосно отсуство на политичка и морална одговорност од страна на оваа влада, СДСМ го повторува ставот за потребата од кривично санкционирање на ова дело во иднина.

 2.    Владата се изјасни дека доцнењето со завршната сметка било заради „техничка причина“. СДСМ смета дека барањето на такво оправдување од страна на Владата претставува многу срамен чин, кој не доликува на една влада.

 3.    Исто така, согласно податоци објавени на официјалната интернет страница на Министерството за финансии, буџетскиот дефицит во 2012 година е поголем од дозволениот за над 90 милиони евра! При тоа, она што е најважно, е фактот дека тој долг е направен без „дозвола“ од Собранието, кое е единствената надлежна институција за тоа. И покрај сите желби на Владата за минимизирање на тоа прашање, од тоа сега нема бегање. СДСМ смета дека и за тоа треба да постои кривична одговорност.

 4.    СДСМ им укажува на пратениците во Собранието дека сегашното усвојување на завршната сметка ќе претставува легализирање на кршењето на законот. Затоа, СДСМ ги повикува пратениците да не ја прифатат завршната сметка за буџетот за 2012 година.

 5.    Во однос на ребалансот на буџетот за 2013 година, прво, добро е што Владата ја послуша опозицијата и направи ребаланс. Тој е неопходен, како што укажавме уште пред 3 месеци.

 6.    Но, СДСМ смета дека треба да се направи ребаланс со намалување на непотребните расходи за оваа година, а не со зголемување на дефицитот (долгот) на речиси 4 проценти од БДП. Зголемувањето на дефицитот, кој секако е веќе преголем, потврдува дека:

 а. Приходите во буџетот за 2013 година се нереално испланирани и тие не можат да се остварат;

 б. Ребалансот за годинава потврдува дека Владата нема намера да се откаже од своите намери за раскалашено трошење на огромни суми пари на граѓаните;

 в. Оваа политика на Владата единствено претставува продолжување на политиката на задолжување на државата. Затоа, СДСМ го повторува прашањето: Дали некој во оваа Влада воопшто има совест ? Свесни ли се дека задолжувањата, на долг рок, ја водат државата директно во финансиски колапс?

 Оваа реакција претставува само почеток на дебатата во однос на наведените фискални документи што ги предложи Владата. Сигурно ќе имаме уште многу можности за изјаснување по нив. А дека претставник на Владата ќе се осмели да излезе на отворена дебата, на која повторно повикуваме, не веруваме дека ќе се случи.

Интегрален текст од СДСМ.

23.09.2013 - 14:53

најчитано сега