Спасов: Со регионалните советувалишта за брак и семејство до помал број разводи во Македонија

Центарот за социјална работа во Охрид денеска го доби првото од предвидените единаесет регионални советувалишта за брак и семејство. Центарот го отвори македонскиот министер за труд и социјала, Диме Спасов, кој престојува во работна посета на Охрид.

- Центарот за социјални грижи во Охрид е подготвен да започне функцијата на новото советувалиште, кое ќе функционира на доброволна основа, а ќе дава бесплатни услуги на граѓаните со цел да се надминат проблемите во бракот и семејството, истакна денеска Спасов и додаде дека во овие советувалишта ќе можат да бидат вклучени и сите оние граѓани кои стапуваат во брак, за да се запознаат со нивните права и обврски. Според министерот на овој начин ќе се допринесе за намалувањето на бројот на разводи во Македонија.

Проектот беше инициран пред еден месец, веќе почнува неговата реализација, а спроведени се и потребните обуки на кадрите.

- Во иднина овој проект продолжува со отворање на преостанатите десет предвидени вакви советувалишта во центрите за социјална работа во поголемите градски средини во земјата, рече Спасовски и додаде дека со овој проект че се надмине и проблемот со наталитетот во земјава.

- Ние како Министерство за труд и социјална политика како и нашите Центри за социјална работа, преку ваквите проекти имаме намера да бидеме што поблиску до граѓаните, во насока на надминување на нивните несогласувања како во бракот така и во семејствата, но и подобрување на семејните односи и обезбедување здрава средина за развој на сите деца во земјата, додаде министерот.

На отварањето дел беше и директорот на Центарот за социјална работа, Екрем Каљоши, кој истакна дека бројот на разводи во Охрид годишно изнесува околу 40.

Советувалиштето е составено од соодветен стручен кадар кој вклучува педагог, социјален работник, психолози и правник. 

23.09.2013 - 13:03
Фото: 
Евести

најчитано сега