Од први ноември цените на СМС пораките 50 отсто поевтини

 

Директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Роберт Ордановски, најави пониски цени на СМС пораките за 50 проценти од 1 ноември годинава, како и намалување на големопродажните цени за терминација меѓу мобилните оператори, што треба да влијаат на намалување на износот на малопродажните цени.

АЕК до петок ќе ја заврши анализата на основа на којашто ќе ја објави големопродажната цена за СМС пораките,  по што ќе се спроведе едномесечна јавна расправа и ќе се усвои новиот износ.

- Големопродажната цена моментно е 2 денара, а до петок ќе ја имаме новата цена  што ќе ја добиеме врз основа на нашиот модел. Потоа ќе следи едномесечна јавна расправа  во која со операторите ќе ги видиме нивните аргументи и контраргументи. На крајот на октомври ќе ја усвоиме цената затоа што според Законот за електронски комуникации важноста е од првиот календарски ден наредниот месец. Значи ако се заврши целата работа до крајот на октомври од 1 ноември ќе стартуваат и новите цени за СМС кои очекуваме да бидат и за 50 проценти пониски од сегашните. Горната рамка ни е 50  проценти намалување, а долната ќе видиме, изјави денеска Орданоски.

Македонија е во првите четири држави во Европа којашто воведува регулатива на СМС пазарот, покрај  Данска, Франција и Полска. 

- Првпат ќе имаме симетрија во цените за терминација.  Цените ќе паднат  доста процентуално во однос на тие што се сега. Моментно за терминација Т-Мобиле кон мрежите на ОНЕ и ВИП плаќа по 4 денари, а ОНЕ и ВИП за терминација  во мрежата на Т-Мобиле плаќаат по 3 денари. Со новите цени од 1,2 денари ќе има  намалување на цените за три пати и очекуваме директен ефект со намалување  и на малопродажните цени затоа што де факто ќе им се намалат трошоците на мобилните опартори.  Така ќе може  со еднаква цена да се бираат корисници, пријатели, роднини... и во мрежата  на својот оператор и во мрежата на останатите два оператора и да не користат  по два или три телефони во секојдневната комуникација, туку да имаат  еден телефон со еднакви цени кон сите оператори, изјави Орданоски одговарајќи на новинарско прашање по презентација на студиската програма на Факултетот за електротехника и информациски технологии: „Регулатива во енергетика, електронски комуникации и сообраќај“ од вториот циклус магистерски студии.

23.09.2013 - 12:36
Фото: 
кафепауза.мк

најчитано сега