ССК: Економскиот раст ќе продолжи и во втората половина од 2013
Со растот на економијата во еврозоната од 0,3 % нормално е да се очекува зголемување на нарачките од европските потрошувачи. Анализите на Сојузот на стопански комори покажуваат дека сектори кои ќе влијаат на зголемувањето на БДП се металургијата, градежништвото и производството на храна.
Евтините кредити од европската инвестициска банка исто така придонесуваат за раст на стопанството. Досега се повлечени 78 милиони евра а на располагање на малите и средни претпријатија има уште 22 милиони. Речиси исцрпени се и средствата од докапитализацијата на македонската банка за поддршка на развојот.
Економијата, на почетокот од 2013 година, скокнала за 2,9 %, а во првата половина од годинава индустријата забележала раст на нарачките за 17%. Според извршниот директор на ССк, Митко Алексов, на стопанството му недостасуваат свежи пари а резултатите ќе останат позитивни со обезбедувањето на четвртата транша од евтините кредити за малите и средни претпријатија.
Четвртата транша од 100 милиони евра евтина кредитна линија која ја најави Владата, бизнисмените ја очекуваат по стартот на 2014. Според податоците од досегашните три кредитни линии се одобрени 1000 проекти кои овозможиле 5000 нови работни места.