Европското злато отиде кај француските кошаркари

Кошаркарската репрезентација на Франција го освои првиот златен медал на Европските првенства откако вчера во „Арена Стожице“ во Љубљана ја победи Литванија со 80:66 (19-22, 31-12, 18-16, 12-16). 
 
Французите го играа своето трето финале (1949 и 2011 година) и конечно предводени од Тони Паркер освоија златен медал на едно големо натпреварување. 
 
Литванија втор пат го освојува сребрениот медал (1995 година), а досега има освоено три златни медали на европските шампионати.
 
Литванците единствено во првиот период беа рамноправен ривал, но потоа Французите постигнаа 31 поен за вкупно 50 на крајот од првото поувреме што беше само најава за победата во финалниот натпревар. Во 27.минута Франција водеше 64:42 (+22 поена  највисоко водство).
 
Најдобри стрелци кај Франција беа Никола Батум 17 поени, Борис Диао 15, Тони Паркер 12, додека Алексис Ажанса имаше 10 скокови. 
 
Кај Литванија Линас Клеиза реализираше 20 поени, Мантас Калниетис 19. Потфрли „клупата“ на Литванија која постигна само 3 поени (Поциус).
 
Во малото финале Шпанија ја победи Хрватска со 92-66 и со тоа го освои бронзениот медал.
 
Признанието МВП (најкорисен играч на шампионатот) му припадна на Тони Паркер, а во најдобрата петорка покрај Паркер се уште: Горан Драгиќ (Словенија), Бојан Богдановиќ (Хрватска), Линас Клеиза (Литванија) и Марк Гасол (Шпанија).
 
Македонија во своето четврто учество го освои 21.место со една победа и четири порази.
 
Домаќин на следното Европско првенство во 2015 година е Украина. 

23.09.2013 - 09:51

најчитано сега