Претседателот Иванов со сопругата го посети манастирот Трескавец
Денеска македонскиот претседател, Ѓорге Иванов со сопругата Маја го посети манастирот „Успение на Пресвета Богородица“, Трескавец.
Со големи впечатоци за значењето на манастирот за нашата историја и она што го оставил низ вековите, претседателот Иванов по неговата прва посета на Трескавец, нагласи дека манастирот е сведоштво за минатите, сегашните и идни генерации. - Ова е сведоштво за многу епохи, многу генерации кои овде наоѓале утеха, во овој амбиент каде што се себеосознавале. Сведоштвата за темелите и за фрескоживописот во манастирот укажуваат дека и во минатото имал слични непогоди. Меѓутоа, луѓето секогаш биле сплотени, солидарни, да се обнови да се изгради, изјави Иванов.
Според владиката Петар, за обновата на Трескавец многу е битно што државата, конкретно Министерството за транспорт и врски го изгради патот долг 7,5 километри. Манастирот ќе се обновува во оригиналната верзија. - Манастирот и досега страдал во пожар. Страдал и во 90-ите од минатиот век. По повеќе од 20 години, сега ќе се трудиме што е можно пооригинално да се реконструираат конаците и што побрзо. Многу е битно што се изгради патот, тоа ќе ја забрза обновата, материјалите побрзо ќе стигнуваат до манастирот, изјави владиката Петар.
- Ќе се трудиме како општина да направиме се за да му го вратиме сјајот на манастирот, изјави Никола Димески, претседател на советот на општина Прилеп.
Вчера и денеска во манастирската црква „Успение на Пресвета Богородица“ се одржани три крштевки, први откако изгореа конаците. И министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески го крсти своето дете денеска во манастирската црква.