Владимир Божиновски: Бојкот на изборите од ВМРО-ДПМНЕ е најпосакувана опција за власта
Бојкот на евентуалните брзи предвремени избори од опозицијата. можеби е и најпосакувана опција за власта, смета политичкиот аналитичар Владимир Божиновски во интервју за Прес24, бидејќи на фер избори, па одржани и пред Референдумот ВМРО-ДПМНЕ во никој случај не би освоил под 40 пратеници.
-По референдумот, предвидувањата се дека оваа бројка би била далеку повисока. Со оглед дека Власта посакува избори за да добие 2/3ско мнозинство, очигледно е дека со учество на ВМРО-ДПМНЕ на тие избори тоа ќе биде практично невозможно. Впрочем, оттука се базирани и моите тврдења дека предвремени избори никако не можат да бидат решение за кризата во која Македонија западна по последното референдумско изјаснување на граѓаните, вели Божиновски за Прес24.
Тој смета дека главен винивним за неуспех на Референдумот е Власта, но од друга страна пак потенцира дека промена на власта во Грција ќе значи и блокада на договорот со Грција
- За секој евентуален нов процес на преговори да биде успешен потребно е да бидат исполнети услови кои не зависат само од желбата и волјата на Македонија да преговара. Со извесната промена на власт во Грција најверојатно е дека процесот би бил ставен во мирување во следните неколку години и тоа од нивна страна или во најдобар случај Нова демократија би испорачала нови дополнителни барања за отстапки од наша страна, вели Владимир Божиновски во интервју за Прес24.
ПРЕС24: Кој е виновен за неуспешниот референдум?
БОЖИНОВСКИ: Главните причини за неуспешниот референдум треба да се бараат најмногу во лошите политички процени во периодот веднаш по потпишувањето на Договорот од Преспа, но и во самите почетоци на преговорите меѓу Македонија и Грција.
Имено, опозициската ВМРО-ДПМНЕ не беше воопшто вклучена во преговарачкиот процес и дополнително беа отфрлени нивните сугестии и за референдумското прашање и за карактерот на референдумот. Во таква ситуација беше очекувано дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане настрана и од самата референдумска кампања. Во Македонија доколку не се вклучени двете најголеми политички субјекта во кој било изборен или референдумски процес, не можете да очекувате успех или легитимитет на истиот. Мислам дека во случајов СДСМ беше таа што од позиција на власт мораше да најде начин да ја вклучи опозицијата во целиот процес, а со оглед дека не успеа, јасно беше дека цензус нема да биде постигнат. Дополнително, на референдумот се виде дека излезноста е уште помала од тоа што се очекуваше, а за тоа е повторно одговорна власта бидејќи во еден процес на унилатерална кампања, непредизвикана од својот главен политички противник, СДСМ не успеа да ја пренесе својата политичка порака и да ги мобилизира граѓаните помасовно да излезат да гласаат. Напротив, со слабата порака која ја испратија, како и со многуте недоречености во кампањата и околу самиот договор, придонесоа да ги поттикнат граѓаните да се посомневаат во нивната искреност и да си останат дома на денот на гласањето.
ПРЕС24: Дали опозициската ВМРО-ДПМНЕ е политички добитник со овој резултат, ако се има предвид партискиот став кој јавно не прокламираше бојкот, но сепак тајно тоа го практикуваше?
БОЖИНОВСКИ: Доколку вие како власт се залагате за успех на референдумот како поддршка за вашите политики и не успевате тоа да го постигнете, тоа значи дека сте потфрлиле како власт и сте доживеале политички неуспех. Се разбира дека со тоа, опозицијата која се спротивставила на политиките на власта и начинот на кој власта сакаше да го заврши целиот процес, нивниот неуспех ќе го доживее како свој успех и поддршка од граѓаните. Тоа беше очигледно и веднаш по завршувањето на референдумскиот ден, кога Власта сфати дека со референдумот го загубила, наместо да го зацврсти својот легитимитет на носење одлуки, а кој произлегува од довербата која ја даваат граѓаните (на избори или референдум во овој случај). Со неуспехот на референдумот, опозицијата доби значителна привлечна сила за мобилизација на нови гласачи за следните избори.
ПРЕС24: Власта вели дека ќе бара начин како да се обезбеди парламентарно двотретинско мнозинство. Дали тие шанси се реални?
БОЖИНОВСКИ: Се разбира дека постојат одредени шанси, иако тие по референдумот се значително намалени. Сведоци сме дека и на самиот референдумски ден, а особено потоа, одредени пратеници од опозицијата за кои претходно се шпекулираше дека можат да дадат поддршка на договорот, во своите јавни обраќања изјавија дека нема да гласаат за промена на Устав.
Сепак, одреден дел од пратениците од опозицијата се наоѓаат под директен или индиректен судски прогон и без да навлегуваме дали причините за тој прогон се оправдани или не, Власта тоа секако ќе го искористи како полуга за да ги притисне да гласаат за прифаќање на договорот, односно за уставни измени. Со оглед на шпекулациите кои стануваат се повеќе очигледни, а се однесуваат на постоење на цврста спрега помеѓу власта и судството и особено за директната поврзаност со СЈО кое е надлежно за случаите од нелегалното прислушкување, може да се очекува дека одредени пратеници од опозицијата би прифатиле понуда од власта во замена за нивниот глас.
Во случајов најверојатно понудата би била СЈО да се повлече од нивно понатамошно гонење, иако за некои пратеници се можни и одредени финансиски понуди. Ова би била лична одлука на дел од пратениците која е директно спротивставена на позицијата на нивната матична партија или коалиција, бидејќи ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека тие се против договорот и ја почитуваат јасно изразената волјата на граѓаните, односно дека според нив, народот на референдум јасно и кажал НЕ, на спогодбата со Грција.
Прашањето е само дали власта ќе успее да убеди (или принуди) доволен број пратеници од опозицијата за да се постигне неопходниот број од 80 народни избраници за промена на Уставот.
ПРЕС24: Опцијата за брзи предвремени избори е најизвесна, но засега не е извесно дали на тие избори ќе учествува ВМРО-ДПМНЕ, затоа што од една страна партијата се подготвува за избори, а од друга страна испорачува барања, за кои власта веќе се изјасни дека не се прифатливи?
БОЖИНОВСКИ: Како што сегашната власт испорача барања за да учествува на избори во времето кога беше опозиција (во 2016 година) така и сегашната опозиција го има истото право, иако дел од сегашната власт тврди дека опозицијата нема право да поставува барања, што е според мене доста лицемерно со оглед дека истите тие луѓе од сегашната власт беа најгласни во барања и предуслови за избори (кои им беа исполнети) кога СДСМ беше во опозиција.
ВМРО-ДПМНЕ ги бара истите услови кои ги доби СДСМ (т.н. пржинска техничка влада) кои дополнително се потврдени во законот за Влада и во договорот помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од Јули 2018. Затоа мислам дека нивното исполнување не треба да се доведе во прашање од страна на Власта. Неисполнувањето на овој услов кој е согласно договор и закон само дополнително ќе го урниса целокупниот правен и политички поредок.
Барањата на опозицијата се дополнително оправдани со оглед на одредени нерегуларности на локалните избори 2017 и особено за време на референдумот каде се говори за случаи на масовно полнење кутии на повеќе избирачки места, појава незабележана во последниве дваесетина години во Македонија, односно од крајот на девеесеттите. Доволна потврда за ваквите гласини е едноставна анализа на фрапантните официјални статистички податоци за брзината со која се гласало во десетици избирачки места, а според која гласачите го исполнувале своето гласачко право за 5, 10 или 20 секунди, што секој кој барем еднаш гласал, знае дека во реалноста е невозможно.
Доколку барањата на опозицијата не бидат исполнети, особено она што е влезено во законот и се однесува на формирање на т.н. Пржинска влада, тогаш не е исклучено и опозицијата аргументирано да ги бојкотира можните предвремени избори.
ПРЕС24: Реално, дали за ВМРО-ДПМНЕ е политички поисплатлива опцијата за бојкот на изборите? Што во таква ситуација?
БОЖИНОВСКИ: За ВМРО-ДПМНЕ како и за секоја партија е секогаш политички поисплатливо доколку учествува на изборите. Сепак, доколку условите за фер избори не бидат исполнети, особено по информациите за бројни нерегуларности при гласање за време на референдумот, главната опозициска партија може и да биде принудена да бојкотира такви избори, со кои поради недостиг на контрола на избирачкиот процес и можноста за манипулации од страна на власта би и се нанела голема политичка штета.
Од друга страна, тоа можеби е и најпосакувана опција за власта бидејќи на фер избори, дури и да беа одржани пред референдумот, ВМРО-ДПМНЕ во никој случај не можеше да добие под 40 пратеници. По референдумот, предвидувањата се дека оваа бројка би била далеку повисока. Со оглед дека Власта посакува избори за да добие 2/3ско мнозинство, очигледно е дека со учество на ВМРО-ДПМНЕ на тие избори тоа ќе биде практично невозможно.
Впрочем, оттука се базирани и моите тврдења дека предвремени избори никако не можат да бидат решение за кризата во која Македонија западна по последното референдумско изјаснување на граѓаните.
ПРЕС24: Веднаш по референдумот во ВМРО-ДПМНЕ се случија и првите кадровски промени, разрешен е предводникот на реформистите. Дали тоа може да доведе до нов раскол во оваа партија?
БОЖИНОВСКИ: Сметам дека реформистите ниту имале, ниту можат да имаат некакво позначајно влијание во ВМРО-ДПМНЕ, така да можноста за раскол од таа страна јас целосно би ја исклучил, а и можноста за раскол генерално, особено што по референдумот, позициите на Христијан Мицкоски во ВМРО-ДПМНЕ се зацврстени.
Единствено не исклучувам дека би можело да дојде до разидување на партијата со одредени пратеници кои би се решиле да го поддржат Договорот со Грција, се разбира доколку власта успее да ги убеди или принуди. Во тој случај претпоставувам дека тие би биле исклучени од партијата поради прекршување на цврстиот партиски став против Договорот, со што партијата јасно би покажала дека не стои позади нивните одлуки.
ПРЕС24: Дали ВМРО-ДПМНЕ се радикализира како што оценуваат некои аналитичари, домашни па и странски?
БОЖИНОВСКИ: Во моментов партиите можат да бидат ЗА или ПРОТИВ договорот со Грција бидејќи треба да се гласа за него во Собранието. Во ВМРО-ДПМНЕ, претпоставувам врз база на референдумското изјаснување, процениле дека нивните гласачи како и голем дел од неутралните и политички неопределени граѓани се против договорот и затоа партијата го следи нивниот став. Тоа не е радикализација.
ПРЕС24: Кога се оди на избори се е можно, но во ситуација кога по референдум власта влегува во избори со над 600.000 гласови, дали тоа може да се толкува како сигурен адут за успех, или пак се можни изненадувања?
БОЖИНОВСКИ: Како и многупати претходно, ќе повторам дека во политиката математичките операции и пребројувања најчесто се погрешни. Моите претпоставки се дека сепак најверојатно најголем дел од оние кои гласаа ЗА на референдумот ќе ја поддржат Власта, но не сите. Дел од тие кои гласаа ЗА се поддржувачи на Села и Касами кои јавно отфрлија можност да коалицираат со СДСМ, а дел се неутрални па дури и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ. Рано е за процени, особено што не знаеме кој ќе биде во таа коалиција, односно дали ДУИ и СДСМ ќе одат заедно на избори. Дури кога ќе бидат дефинирани предизборните коалиции ќе може да се даде повалидна процена околу резултатите и затоа е подобро да се почека.
Во оваа прилика уште еднаш ќе го повторам мојот личен став дека изборите нема да решат ништо и во овој момент не се потребни, затоа што во секој случај, (освен се разбира доколку ВМРО-ДПМНЕ е принудена да бојкотира), власта нема да успее да освои над 80 пратеници, дури и сите заедно, вклучувајќи ги Села и Касами, да одат во една предизборна коалиција,.
ПРЕС24: Може ли ВМРО-ДПМНЕ да се надева на формирање влада на овие предвремени парламентарни избори, ако хипотетички освои поголем број пратеници, или пак ќе повтори сценариото да не може да обезбеди албански владин партнер?
БОЖИНОВСКИ: Претпоставувам дека тоа ќе зависи од бројот на пратеници кои ќе ги освои. Хипотетички, колку е партијата поблиску до 60 пратеници, толку се шансите да формира Влада поголеми, иако сега за сега не може да се излезе со конкретна претпоставена бројка за тоа кој колку пратеници би можел да освои на избори. Ова дополнително ќе зависи и од одлуките на етничките албански партии и нивната поставеност во изборниот процес како и можните предизборни коалиции.
ПРЕС24: Ако се земе едно искуство што Македонија го имаше со еден ваков бојкот, колкави се шансите некоја следна влада да ги оспори одлуките кои хипотетички би ги донела влада и парламентарно мнозинство без опозиција?
БОЖИНОВСКИ: Без разлика на демократскиот капацитет и легитимитет на една Влада, одлуките кои ќе бидат донесени на меѓународно ниво продолжуваат да важат и по промена на власта.
ПРЕС24: Последните анкети во Грција покажуваат дека Нова Демократија има над 10% предност пред Сириза. Тоа би можело да значи дека од пролетта 2019, ако не се изреализира договорот со Грција партнер за разговори би бил Мицотакис, кој сега е против договорот. Реално можен ли е брз напредок во евентуални нови разговори со Грција?
БОЖИНОВСКИ: Доколку не се постигне договор со Грција сега, додека е Сириза на власт, шансите тоа да се случи по промена на власта во Грција (која е извесна) се минимални, односно скоро непостоечки.
ПРЕС24: Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ неодамна рече дека Заев со овој договор неповратно ги урнал позициите на Македонија во преговорите, ако е така што може Македонија да очекува во некој друг процес на разговори со Грција?
БОЖИНОВСКИ: За секој евентуален нов процес на преговори да биде успешен потребно е да бидат исполнети услови кои не зависат само од желбата и волјата на Македонија да преговара. Со извесната промена на власт во Грција најверојатно е дека процесот би бил ставен во мирување во следните неколку години и тоа од нивна страна или во најдобар случај Нова демократија би испорачала нови дополнителни барања за отстапки од наша страна.
ПРЕС24: Реално ако се анализираат состојбите, дали неуспех на Договорот ќе значи и процес на дестабилизација на Македонија, а потоа и на регионот?
БОЖИНОВСКИ: Секогаш кога постои можност за некаков договор, се прави обид за потенцирање на негативните консеквенци од неуспех на преговорите, односно алтернативите во случај на пропаѓање на тој договор се радикализираат во негативна конотација. Не сметам дека е веројатна можноста за дестабилизација, иако детериорација, односно влошување на односите и пад на оптимизмот во целиот регион е сосема можна и реална опција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа