ДУИ: Постојат услови под кои ВМРО-ДПМНЕ би гласале уставни измени

До среда наредната недела е крајниот рок кога ќе се знае дали  парламентарното мнозинство успеало да обезбеди двотретинска подршка за уставните измени или ќе побара распуштање на Собранието и спроведување на идни вонредни избори.

„Веруваме дека ќе имаме некаков резултат до крајот на неделава или почетокот на наредната.  Некаде околу 10 октомври е таргет кога треба да и соопштиме на јавноста кои се следните чекори. Се надевам дека ќе имаме можност да соопштиме дека е обезбедено потребното двотретинско мнозинство, кажа Заев.

Од ВМРО ДПМНЕ за НОВА ТВ велат дека не зависи од нив дали ќе има избори или не. Тие само ги повторија своите барања - смена на обвинителот, формирање на техничка Влада и на анкетна комисија која ќе го испитува организирањето и спроведувањето на референдумот. Власта експресно ги одби ваквите барања.

„ Ниту има причина, ниту има потреба да се дискутира за вакви работи. Самите институции дадоа свои коментари. Да се бара комисија која ќе провери дали референдумот бил законски, дали имало законитост во неговото спроведување и слично во услови кога претседателот на ДИК е од ВМРО-ДПМНЕ, како и Управниот суд во кој нема сменето ниту еден член, само по себе кажува што всушност се сака со ваквите барања“ кажа Заев.Тој додаде дека изминатат година, СДСМ ги прифатила сите барања на опозицијата и повторно не добила подршка за евроинтегративниот процес кој е важен за Македонија.

„ Во минатото дадовме карт-бланш за техничка влада. Ги прифативме барањата за финансирање на политичките партии, ја формиравме Државната изборна комисија со претседател од ВМРО-ДПМНЕ. За возврат апсолутно не сакаа ни да разговараат за некаков начин за успешна поддршка на процесите кои се важни за Македонија“ кажа Заев.

Во ДУИ велат дека не треба се брза со распишување на итни избори, туку да се направи обид да се обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието.

„Во овие околности, пратениците на ВМРО ДПМНЕ велат дека нема да гласаат, ајде да видиме под кои околности би гласале, затоа што претседателот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски рече дека доколку мнозинството е „за„ тие би гласале за уставните амандмани. Значи има услови под кои би гласале“ вели висок партиски функционер од ДУИ за НОВА ТВ, без конкретно да наведе на кој начин ќе се обидат да ги одоброволат пратениците на опозицијата да дадат согласност за уставните амандмани.

За да се одржат изборите кон крајот на ноември, Собранието треба да се распушти на 10 октомври. Конститутивната седница треба да се одржи најдоцна 20 дена по изборите, а по конституирањето на Парламентот, претседателот на државата треба да  го довери мандатот за состав на Владата на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.

 

 

 

04.10.2018 - 17:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега