Во финалето на Европското првенство Франција ќе игра против Литванија
Репрезентацијата на Франција во второто полуфинале на Европското првенство во кошарка успеа да ја совлада Шпанија и да се пласира во финалето.
Французите до победата стигнаа откако успеаја да се вратат по негативата што ја има на полувремето. „Триколорите“ славеа триумф со 75:72 (14-18, 6-16, 23-15, 22-16, 10-7), а најзаслужен за победата беше Тони Паркер, кој постигна 32 поена.
Европскиот првак Шпанија водеше на полувремето со 34:20, но „триколорите“, кои во првиот дел не постигнаа ниту една тројка постепено, пред се со тројки почнаа да ја „топат“ предноста на противникот.
Откако Алексис Ажанса од Франција изедначи на 65:65, Шпанија не реализираше три шута, а Франција еден во последните 40 секунди.
Во дополнителните пет минути Французите беа посмирени во нападите и заслужено постигнаа победа.
Претходно, во првото полуфинале во „Арена Стожице“ во Љубљана, Литванија со 77:62 ја победи Хрватска.
Финалето Франција - Литванија се игра утре од 21 часот, а дуелот за 3.место Хрватска - Шпанија почнува во 17:30 часот.
Денеска на шампионатот се играат натпреварите за 5.место (Словенија - Украина) и за 7.место (Србија - Италија). Победникот од овој натпревар ќе се пласира на Светското првенство заедно со селекциите на: Франција, Литванија, Хрватска, Словенија и Украина, додека Шпанија ќе настапи како домаќин.