Робертсон: Ако не успее референдумот, враќање на ФИРОМ ќе значи уште многу години нејаснотии
-Без соодветно меѓународно признато име, државата се соочува со нејаснотии. Веќе се нарекува ФИРОМ, така што постои една криза на идентитет. Договорот кој што беше постигнат меѓу премиерите на Македонија и Грција го штити идентитот на државата, јазикот, традицијата и културата на Македонија и отвора врата за членство во НАТО и евентуално ЕУ и да биде дел од европското семејство. Тоа е голема работа и е фер понуда за луѓето на 30.септември и се надевам дека ќе ја зграпчат со двете раце, кажа поранешниот генерален секретар на НАТО, Лорд Џорџ Робертсон во интервјуто за Студио 1.
Тој смета дека референдумот не смее да не успее, затоа што прашањето е сега или никогаш. Кажа дека дури и оптимист ќе рече дека тоа би значело уште 10 години нејаснотии, а некои би рекле дека тоа е гарантирано, се додека не се затвори прашањето за името.
-Не се работи само за името или Уставот, туку за комплетната иднина на генерациите кои допрва доаѓаат. Нема друга алтернатива за луѓето кои велат дека ќе бојкотираат, односно оние кои ќе им ја препуштат одлуката на некој друг, или ќе гласаат „против“ и ќе се надеваат да дојде нешто подобро. Тоа нема да се случи. Значи иднината ќе биде одлучена на 30. септември, или добра и просперитетна иднина или се повеќе нејаснотии под името ФИРОМ, изјави Робертсон.
Според него, ако референдумот сепак не успее, поради ситни бројки, а земјава е подготвена, тогаш ситуацијата ќе остане иста како сега – ФИРОМ.
-Ако не успее не значи дека државата ќе остане Македонија. Се враќате на името ФИРОМ во меѓународната заедница. Тоа ќе значи дека ќе бидете блокирани од членство во НАТО и ЕУ, блокирани за многу други можности, блокирани од странски инвестиции и работни места кои инаку би ги добиле. Од друга страна, ако референдумот успее и луѓето гласаат за уставни измени, тогаш вратите се отворени за членство во НАТО и подоцна ЕУ. Така ќе дојдат и работните места и инвестициите, а мапите ќе треба да се менуваат. Повеќе нема да постои ФИРОМ, вие ќе бидете Република Северна Македонија, објаснува Робертсон.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа