Јавна расправа за Предлог-законот за прекршоци
Една од најзначајните новини во Предлог-законот за прекршоци, што Владата го прифати на седница одржана на почетокот овој месец, е востановувањето на Државна комисија за жалби по прекршоци која претставува второстепен орган во постапките по жалбите на одлуките на прекршочните комисии.
Заменик министерката за правда Билјана Бошковска Бришковски на денешната јавна расправа по Предлог на законот во Собранието појасни дека со формирањето и отпочнувањето со работа на оваа комисија ќе се постигне побрзо решавање на предметите и ќе се избегне одоговлекување на постапките. Ова решение дополнително ќе придонесе Управниот суд да се растерети од големиот број предмети оформени по тужби поднесени против одлуките на прекршочните органи.
Државната комисија е предвидено, како што информираше Бошковска Бришковски е предвидено да постапува во точно определени рокови.
Должината на роковите за постапување на прекршочните органи се предвидени во зависност од висината на пропишаната глоба за конкретни прекршоци. Доколку се работи за прекршоци за кои е предвидена пониска глоба роковите ќе бидат пократки. Друга значајна новина е што ако прекршочниот орган што го донел решението утврди декај жалбата е основана, а не е потребно да се спроведува нова постапка, може да одлучи поинаку и со ново решение да го замени решението што се побива со жалбата.
Се воведуваат одредби за општа корисна работа со кои се овозможува замена на глобата изречена со мандантен платен налог кој ќе се издава за прекршоци од полесен вид.
Предлог законот содржи и одредби кои се однесуваат на електронска достава кое е веќе воведено во Законот за парнична постапка и со Законот за кривична постапка. Функционирањето на електронската достава во прекршочната постапка ќе придонесе за значително забрзување на постапката и за намалување на трошоците за печатење на списите.
Во овој Предлог закон првпат како странка во постапката покрај оштетениот може да се појави и жртвата. Согласно одредбите од Законот за кривична постапка жртва е секое лице кое претрпело штета вклучувајќи физичка и ментална повреда, емотивно страдање, материјална загуба или друга повреда или забрзување на неговите права и интереси како последица на сторен прекршок. Жртвата има право да учествува во постапката како оштетен заради надомест на шета, а доколку жртвата е малолетник или лице од ранливи категории има правона посебни мерки на заштита при давање исказ и испитување.
Учесниците на денешната расправа во Собранието изнесоа забелешки во однос на висините на глобите притоа посочувајќи дека не е во ред казните за сторени прекршоци да бидат поголеми од оние кривичните.
Професорката Гордана Бужаровска од Правниот факултет смета дека глобите се згоелмуваат двојно, а некои дури и повеќе, додека Горан Калајџиев смета дека сите пресуди што ќе бидат донесени ќе паднат пред Судот во Стразбур. Професорот Калајџиев не мисли, како што рече, дека законот е толку лош, но вели дека глобите се престроги.