Груевски: Со Законот за финансиска дисциплина до поголема ликвидност на фирмите
Законот за финансиска дисциплина е одговор на барањата на бизнис заедницата, а ќе овозможи поголема ликвидност на деловните субјекти и ќе помогне во реализацијата на нивните планови за развој, рече денеска премиерот Никола Груевски.
- Со законот ќе се стави еден ред, една финансиска дисциплина во плаќањето на обврските помеѓу сите претпријатија во Македонија, а вклучувајќи ги државните претпријатија. Тоа ќе помогне и за поголема ликвидност и поголема доверба меѓу субјектите и секако ќе помогне во реализацијата на нивните планови за развој. Сега многу пати се случува самите компании да ги стават во прашање нивните развојни планови или воопшто не ги започнуваат несигурни во тоа дали плаќањата ќе им бидат извршени на време и дали ќе имаат можност да си го реализаираат тоа што го замислиле. Така што ќе дојде до една комплетно нова ситуација што верувам дека многу ќе им помогне на фирмите, рече Груевски по промовирањето лабораторија за изучување странски јазици и преведување и толкување, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.
Тој посочи дека овој Закон подолг период беше баран од стопанските комори и од бизнис секторот за што разговарале година-две. - Огромното доцнење во плаќањето меѓу самите фирми не е секогаш заради неликвидност туку заради некаква стекната култура на овој простор да не се плаќа на време, да се доцни, да се чуваат парите до максимално можен момент додека не почнат судски постапки, некогаш се почнуваат и судските постапки. Ние доста размислувавме на оваа тема, баравме меѓународни искуства и создадовме еден закон кој што треба да ги реши овие проблеми на стопанствениците со кои доцнењето ќе биде сериозно казниво во пари, така што ќе стане и неисплатливо, вели премиерот Груевски.