Груевски: СДСМ ја осуди „Шпион“ без да знае за што се работи

Македонскиот премиер Никола смета дека опозицијата избрзано реагирала на приведувањата во акциите на МВР „Шпион“ и „Диригент 2“, прогласувајќи за политички и партиски уште пред да дознаат кои се причините за апсењата.

- Во иднина опозицијата треба добро да се пресмета пред да излезе со квалификации и прво да чуе барем за што се работи, а потоа да размисли дали треба да се реагира или не. Во овој случај уште немаше прес-конференција на МВР да објасни за акцијата, а тие веќе излегоа со осуда на акцијата. Значи, не знаат што осудуваат, не виделе кој и зошто е приведен во полиција, документи, што се случило. Нивните адвокати овојпат беа многу воздржани, а скоро секогаш адвокатите жестоко ги бранат своите клиенти. Адвокатите беа воздражни, а опозицијата на невидено излезе да ги брани, рече Груевски одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на нова лабораторија на Филолошкиот факултет.

Груевски истакна дека како партија и како Влада ќе продолжат силно, бескомпромисно и неселективно дасе борат против криминалот и корупцијата.

- Не сакам никого да обвинам однапред, треба да се почитува пресумпција на невиност, но исто така не треба избрзано да се кажува дали некој намерно тоа го прави или со други цели, партиски цели итн. Треба внимателност, треба работата да им се остави на Обвинителството и на судството, да не им се врши притисок од ничија страна и на крај да се види кој, што и дали сторил и согласно со кои закони се прекршоците. Не предвремено да се излегува со став за нешто што не се видело, чуло, прочитало, ниту анализирало, додаде Груевски.

20.09.2013 - 15:24

најчитано сега