Град Скопје со големи измени: Внатрешна контрола за вработените во градската администрација

Прв пат во историјата на Град Скопје се воведува внатрешна контрола за вработените во градската администрација. Крајна цел е да се обезбедат подобри услуги за сите граѓани главниот град, истакна на денешната прес-конференција градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

Тој информира дека денеска издал налог со кој внатрешната контрола во рок од два месеца треба да изготви регистар на сите постојни несработени предмети во градот. Во исто време, како што рече, ќе ги категоризира предметите по тип и време за постапување.

- Целта е да се спречи закочувањето на постапките, целта е граѓаните да бидат поштедени и од стрес и од изгубено време талкајќи по шалтери, од канцеларија во канцеларија. Целта е конечно да ги извадиме сите предмети надвор од фиоките, истакна Шилегов.

Тој најави дека ќе се определува категорија по специфична тежина за колку работни дена треба да биде сработен еден предмет. На пример, данокот на промет би се пресметувал за пет дена, данокот на имот би се пресметувал за 10 дена, лиценцата за такси-возачи би се издавала за 30 дена.

- Системот предвидува секој од вработените во градската администрација да може да добие свој фајл и по однос на извештаите кои ќе ги доставува внатрешната контрола ќе добие досие на неговата ефикасност во работење. Секој вработен ќе биде оценуван по основ на тоа во колкав рок и колкав број на предмети одработил согласно Правилникот што го имаме утврдено како градска администрација, појасни Шилегов.

Тој ги повика од понеделник сите граѓани кои имаат активни или новоподнесени предмети во градската администрација или имаат каков било проблем да пријават во внатрешната контрола на www.kontrola@skopje.gov.mk.

 

 

 

14.09.2018-13:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега