Средба Џафери-Мичел: Македонија е свесна колку САД го поддржуваа договорот од Преспа

Денеска, во Собранието на Република Македонија, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со помошник-државниот секретар на Соединетите Американски Држави, г. Вес Мичел, кој е во официјална посета на нашата држава.

 

 

Според претседателот Џафери, ова е уште една во низата посети на официјални лица од САД како потврда на јасната, силната и недвосмислена поддршка за Република Македонија. Со ова се докажува посветеноста на нашиот стратешки партнер за унапредување на интеграцискиот процес на нашата земја во НАТО и ЕУ.

Во продолжение, г. Џафери рече дека приоритет на новото мнозинство е реализацијата на стратешката цел на Република Македонија, а тоа е полноправното членство во НАТО и затоа претходно фокусот беше насочен кон подобрување на односите со соседите. Првин се потпиша Договорот за пријателство со Република Бугарија, а потоа и Договорот со Република Грција, за да се надмине и последната пречка во реализацијата на целта.

 

Господин Вес Мичел, од своја страна, рече дека јавноста во Република Македонија е веќе свесна за тоа колку силно САД го поддржуваат Договорот од Преспа и ја подвлече важноста на позитивниот исход на претстојниот референдум, имајќи предвид  дека тоа е во полза на државата. Тој истакна дека САД и понатаму ќе пружи недвосмислена поддршка за напредокот на Република Македонија, уверувајќи дека фокусот на неговата земја за Регионот е константен и непроменет.

 

 

 

 

13.09.2018 - 17:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега