Лукаревска:Неопходна е регистрацијата на даночните обврзници за новата реформа на ГДП

Регистрацијата на физичките лица на системот е-Персонален данок за новиот концепт на Годишната даночна пријава е неопходна за да се спроведе успешна реформа, а Управата за јавни приходи ќе ги користи сите канали на комуникација за да не биде никој изземен во тоа и да се стигне до сите обврзници.

Ова го истакна директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска на денешната прес-конференција која рече дека е потребно навреме да се почне со овој процес кој ќе биде неопходен за спроведување на реформата, која предвидува Управата за јавни приходи да ја испраќа пополнетата ГДП до даночниот обврзник на потврда или корекција на подтоците, наместо како досега даночниот обврзник да ја доставува ГДП до Управата за јавни приходи.

- Како граѓани и даночни обврзници наша обврска е плаќање персонален данок и годишна даночна пријава. Она што беше наша интенција е да го олесниме процесот на пополнување на податоците. Без турканици на шалтери, трка по пресметки на фирми, докази и прилози и сите оние сложени процедури  поврзани со пополнувањето на пријавата, рече Лукаревска.

Таа додаде дека регистрацијата и потврдата е потребна за да се испочитува правото на заштита на личните податоци, а истовремено регистрацијата да биде без никаков трошок за граѓанинот.

- Конечната цел е да спроведеме успешна реформа што ја користат и други даночни администрации во поразвиените земји. Нашата цел е да стапиме во непосреден контакт со физичките лица и никој од нив да не биде изземен во спроведувањето на оваа процедура. Затоа и почнавме да ги промовираме новините што треба да се спроведуваат, како што е и моментот на регистрирањето што треба да го направат. Ќе имаме и кампања, а ќе бидат на располагање и мобилните даночни шалтери кои ќе стигнат до секое најодалечено место. Отворени за соработка ќе биде и даночната администрација, а ќе бидат достапни и две телефонски линии и преку меил каде ќе можат да се обратат граѓаните, појасни директорката. 

 

 

 

13.09.2018-14:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега