Груевски најавува: Ќе пораснат платите, пензиите и инвестициите

 

Премиерот Никола Груевски денеска пред Собранието најави раст на економијата од 3,2 проценти за наредната година, раст на инфлацијата до 3,3 отсто и дефицит од 3,5 отсто, зголемување на плати, пензии и социјални трансфери, раст на капитални инвестиции, субвенции и помош за земјоделци во висина од 130 милини евра.

- Во буџетот се предвидени зголемување на пензиите за 5 проценти од наредната година, зголемување на социјалната помош за пет проценти исто од почетокот на март и зголемување на платите на администрацијата тргнувајќи со октомвриската плата. Предвидени се и други зголемувања на трансфери пред се во социјалната сфера, а предвидени се и 140 милиони евра за субвенции и за друга помош на земјоделците. Значи, она ветување што го имавме дадено во однос на земјоделците исто така предвидено е во новиот буџет, истакна Груевски, одговарајќи на пратеничко прашање.

Тој најави и зголемување на капиталните расходи кои одат за инвестиции, за градби, за патишта, за улици, водоводи, канализациски системи...што, како што истакна, е тренд во последните три години.

- Добро е што е тоа така затоа што тоа влијае на растот на економијата и на отворање работни места, бидејќи во услови на економска криза има држави во кои тие опаѓаат, рече денеска премиерот.

Одговарајќи на друго пратеничко прашање, Груевски уште еднаш најави дека наскоро треба да се реализираат проектите за изградба на автопат од Скопје до Штип и од Кичево до Охрид, кои, според него, ќе имаат и долгорочно и краткорочно позитивно влијание.

Груевски истакна дека пред неколку дена до Владата пристигнала информација дека Ексим банката на Народна Република Кина и Министерството за трговија одобриле заем за изградба на автопатот од Скопје преку Свети Николе до Штип  од 50 километри со преференцијална камата од 2 отсто, како и дека е во завршна фаза на одобрување на заемот за автопатот од Кичево до Охрид и Струга од 57 километри под истите поволни услови. 

- Се очекува патиштата да почнат да се градат 3 до 4 месеци по одобрување од македонското Собрание. Износот на инвестицијата  во овие два автопати  ќе изнесува 574 милиони евра без ДДВ, а рокот за изградба е три години од почетокот на градба. Овие два проекта имаат и краткорочни и долгорочни ефекти. Краткорочни, во периодот додека се гради ќе има позитивно влијание на БДП, на ангажман на македонски компании и работници, а ќе имаат и долгорочни ефекти во однос на привлекување туристи, на странски инвеститори, а со тоа и намалување на невработеноста, истакна Груевски.

Одговарајќи на прашањето на пратеникот Марјанчо Николов, македонскиот премиер рече дека Владата нема намера да го промени начинот на кој привлекува странски инвестиции, бидејќи, како што кажа, овој начин дава резултати.

- Ќе продолжиме уште посилно, аналитично, упорно и ќе привлечеме уште многу инвеститори, не само оние досега. И на добар пат сме тоа да го направиме имајќи ги предвид многуте најави што ги имаме, истакна денеска Груевски.

Премиерот рече дека системот на привлекување инвестиции веќе дава резултати и дека во земјава има многу повеќе инвестиции отколку во периодот кога на чело на Владата беше СДСМ.

- Дали кога од нас се бара да го примениме системот на привлекување странски инвестиции тоа значи да го вратиме во периодот на СДСМ кога годишно се случувало да има од 7 до 9 милиони долари. Странските инвестиции во периодот на владеење на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ драстично се разликуваат односно сега ги имаме далеку повеќе. Дали треба да се вратиме на времето кога немаше ниту една гринфилд инвестиција, кога се продаваше само по некој монопол во Македонија. Во последните неколку години имаме сериозно раздвижување на доаѓањето на странски инвеститори. Доказ за тоа се многу фабрики кои се изградија како што се Дрекселмајер, Кронберг и Шуберт, Џонсон Мети, Џонсон Контролс... Луѓето кои живеат таму каде што се новите гринфилд инвестиции добро знаат дали е подобар начинот што ние го спроведуваме или тој кој што го работеше СДСМ, порача Груевски.

Доказ за ефикасноста, рече премиерот е и рангирањето на Светската Банка, според која во 2006 година Македонија се најде на 94. место, а сега е на 23. место по услови за правење бизнис.

 

19.09.2013 - 15:12

најчитано сега