Мицковски со честитка: Да се стави крај на поделбите и омразата, Соживот и толеранција се основите на Македонија

Мицковски денеска го честита празникот Курбан бајрам:

Почитуван, Поглавар на Исламската заедница во Република Македонија Господин Реис Ул Улема, Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи,

Дозволете ми Вам лично, на членовите на Ријасетот и на сите верници од исламската вероисповед во Република Македонија, од моето лично име и од име на ВМРО-ДПМНЕ, да Ви го честитам празникот Курбан Бајрам.

Хуманоста и меѓучовечката љубов се симболите на овој празник.

Богатството во Македонија е во различностите на верите, културите и традициите.

Соживот и толеранција се основите работи кои мора и треба да им го оставиме на идните генерации. Само така ќе продолжиме да градиме заеднички живот во Македонија, темелен на почитување и заеднички напредок.

Наша заедничка мисија треба да биде градење на просперитет и благосостојба на секој граѓанин кој живее во Република Македонија преку разбирање на неговите чувства и традиции.

Да се стави крај на поделбите, омразата и сегрегацијата, на општество кое што е како со нож поделено, да не се креираат теми кои во својата суштина се непотребни, а создаваат негативни емоции и повреда на нечии чувства. Да се фокусираме на она што е подеднакво важно за секој еден граѓанин без разлика на верата и етничката припадност, а тоа е потребата за подобар живот. Граѓаните се обединети во маката и во потребата за решавање на нивните проблеми.

Добрите дела не познаваат разлики, туку се израз на сплотеност и заедништво. Духот на солидарноста кој е симбол на овој празник нека ги води сите верници и оваа година и нека биде поттик кон добри дела како кон блиските, така и кон соседите, непознатите, посиромашните и болните.

Нека празничните мигови донесат среќа и надеж, но исто така радост, бериќет и успех.

 

 

 

 

21.08.2018 - 10:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега