Груевски: Македонија излегува од кризата!

Македонија, според меѓународните финансиски институции, е на добар пат за макроекономско заздравување во годините што следат. Најновите податоци покажуваат дека земјата излегува  од кризата, оцени денеска премиерот Никола Груевски во обраќањето пред бизнис заедницата.

- Позитивните податоци за ЕУ и солидните перформанси на реалниот сектор во првата половина од годинава, смета премиерот, се добра основа за реализција на очекувањата домашната економија да го оствари проектираниот раст од 2 отсто, а можеби и повеќе, рече   Груевски, кој  очекува во тоа да помогне реализирањето на капиталните инвестиции, како и продолжувањето со навремена исплата на сите обврски. Во наредните  две години, наведе, се очекува зголемување на растот, од 3,2 отсто во 2014 и 3,8 отсто во 2015 година.

Тој, меѓу другото, информира и дека по првата анкета на Агенцијата за вработување со која се разви модел за регистрирање активни и пасивни невработени, ќе следи и втора таква  активност во декември годинава. Со тоа се очекува многу прецизен податок колку од невработените лици активно бараат  работа, со што ќе се помогне во креирањето активни мерки за вработување.

- На 25 август годинава беше отворена првата ТИРЗ во источна Македонија, лоцирана во Штип со површина од 208 хектари и 37 парцели, првата фабрика на „Џонсон контролс“ за автомобилски седишта е веќе изградена и во неа почнаа вработувањата и досега се вработени околу 700 лица од предвидените 1.427. Наскоро се очекува нов инвеститор да почне да гради фабрика за градежни материјали за што веќе е закупена парцела од 6.000 метри квадратни, информира Груевски. Во тек е, додаде, изведување градежни работи во ТИРЗ - Кичево, Гевгелија и Прилеп. Следниот викенд ќе почне градбата на ТИРЗ Струмица, а за останатите зони се изработува техничка документација. Предвидени се вкупно 14 ТИРЗ-ови и градбата на сите треба да започне до март-арпил следната година, рече Груевски.

Со активностите што се преземени во изминатиот период, укажа, најважно е што успеавме да создадеме клима кога некоја комопанија ќе побара на телефон некој министер тој да одговори. - Нема и не смее да има недопирливи министри или изолирани директори, порача Груевски.

За понатамошен развој на иноваторството, соопшти, Владата е во фаза на креирање нов аранжман со Светската банка која со околу 24 милиони евра ќе го поддржи овој исклучително важен проект. - Буџетот на фондот за наредните три години е близу 8 милиони евра годишно и се очекува за овој период да бидат поддржани преку 150 компании со грантови и други пласмани коишто ќе помогнат во развој на иновациите и во нивна комерцијализација.Овој проект е најважен за новите компании и за компаниите во раст. За големите компании кои исто така може да бидат корисници на средствата од овој фонд би потсетил на пораките кои ги испратив минатата година на оваа тема на истиот настан, рече Груевски.

18.09.2013 - 16:29