Измените на Законот за лекови и медицински помагала го поминаа првото читање

Комисијата за здравство на денешната седница констатирала дека е прифатлив Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала и дека може да се даде на натамошно второ читање. Членовите на Комисијата од опозицијата биле воздржани на гласањето за Предлог-законот.

Според министерот за здравство Никола Тодоров со Законот се овозможува дополнителна либерализација на паралелниот увоз на лекови, првпат се овозможува паралелен увоз на медицински помагала, се овозможува паралелниот увоз да се воведува и од Турција и од Русија се до влегување на Република Македонија во Европската унија и се дава обврска за лекарите и фармацевтите да се грижат за контраиндикациите односно несаканите ефекти поврзани со состојбите и болестите на пациентот и постоењето на евентуални интеракции со останатите лекови кои пациентот ги користи.

Како што истакнал министерот, предвидена е измена со која се определува дека веледрогериите треба да имаат вработено лице за фармаковигиланца кое треба да има завршено обука за фармаковигиланца и специјализација. Оваа одредба стапува на сила на 1 јануари 2015 година.

- Во членот 6 предвидена е измена со која се забранува акумулирање на маржата за промет на големо меѓу две веледрогерии. Постапката на паралелниот увоз на лекови и медицински помагала е комплетно либерализирана до степен на тоа да овозможи отворање на пазарот за паралелен увоз на лекови и медицински помагала, но без при тоа да се наруши квалитетот на лековите, рече Тодоров.

Тој нагласил дека е предвидено одобрението за вршење паралелен увоз да може да се издава во две фази-првата е кога се издава т.н. претходно одобрение за паралелен увоз на лекови, а потоа се издава и финалното одобрени откако ќе се платат сите давачки.

Министерот објаснил дека со Законот ќе се олесни можноста за отворање аптеки во рурални средини, а се предвидува и овозможување т.н. подвижни аптеки за места кои имаат под 1.000 жители, каде отворањето аптека е неисплатливо.

- Со Законот е предвидено секоја година во веледрогериите со вкупен промет од над 10 милиони денари во претходната година, да се врши задолжителна заедничка контрола на работењето на веледрогеријата. Со Законот се предвидени повеќе прекршочни и казнени одредби. Посебно предвидовме казнена одредба за давање изјава со лажна содржина која е поврзана со паралелниот увоз на лекови и медицински помагала. За тоа предвидена е казна затвор од шест месеци до пет години за одговорното лице, додал Тодоров.

Андреј Петров од СДСМ истакнал дека не се спротивставува на таквото законско решение, не му е јасно зошто на Законот не стои европското знаме.

- Го поддржуваме секое намалување на цената на лековите со што би имале корист пациентите. Имаме забелешки во методологијата како до тоа да се стигне. Се предлага дополнителна либерализација на паралелниот увоз со вметнување други земји. Ако минатиот пат се договоривме тоа да бидат земји од ЕУ, Америка, Швајцарија, сега, во овој Закон се вклучуваат Турција и Русија. Зошто во минатиот Закон не ги ставивме и зошто во овој Закон сега ги вклучуваме и дали тоа е мотивот зошто Законот се третира дека нема значење за Европската унија, прашал Петров.

Тој смета дека Законот нема европско знаме бидејќи нема директно усогласување со некоја европска директива.

- Очекуваме токму Русија, можеби повеќе Турција да овозможи сериозно заживување на паралениот увоз во Македонија. Кога тој се воведува во земјите има два ефекти. Првиот ефект кога се воведува паралелниот увоз е со цел да овозможи намалување на цените на лековите по автоматизам до ниво кое ќе го направи паралелниот увоз неисплатлив. Самото овозможување на паралелниот увоз кое го имавме од сите земји-членки на ЕУ овозможи дополнителен притисок за намалување на цените со цел паралелниот увоз да не биде исплатлив, истакнал Тодоров.

Имавме, посочи министерот, некои делови од Законот кои во еден сегмент беа ограничувачки за паралелниот увоз и малку повеќе ја усложнуваа постапката од она што сега го предлагаме.

 

 

- Очекувам дека со ваквата либерализација и олеснување на работите без при тоа да се наруши квалитетот и ефикасноста на лековите ќе овозможиме влегување и на компании во Македонија и овозможување паралелен увоз. Факт е дека досега во Македонија нема направено паралелен увоз. Едно од барањата кои ги имавме се повлече бидејќи не ги исполнуваше законските услови. Сакаме да се намали цената на лековите, но не посекоја цена, да не се дозволи влегување на лекови со сомнителен квалитет, додаде Тодоров. 

18.09.2013 - 14:45

најчитано сега