Странците полесно ќе се вработуваат во Македонија
Со дополнувања на постојниот Закон за вработување и работа на странци, ќе се олесни постапката за добивање дозвола за вработување или работа на странците во Македонија
Собраниската Комисија за труд и социјална политика денеска го даде на натамошно читање дополнувањето на Законот, со кој се предвидува намалување на бројот на документите кои странецот треба да ги приложи пред Агенцијата за вработување, што Агенцијата во натамошна постапка ќе ги бара од надлежните институции по службена должност. Измените во Законот ќе овозможат Агенцијата за вработување да може да ги наплати трошоците во процесот на прибирање на документи од други институции неопходни за постапката за издавање на работна дозвола, како и Агенцијата по службена должност да направи прекин на работниот однос по истекот на работната дозвола на странецот.
Претставникот на Министерството за труд и социјална политија истакна дека кон дополнување на Законот е пристапено за да се надминат констатираните слабости.
Комисијата, денеска расправаше и за Предлог-законот за правда на децата.