Голем хуманитарен концерт во чест на момчето кое ја расплака Гевгелија
Деновиве во Гевгелија интензивно се подготвува нов музички фестивал кој ќе биде во чест на прерано починатиот извонреден гитарист и уште подобар човек – Ристо Калиников.
Фестивалот ќе се одржи на 11 октомври, наречен е SRV Фест, а покрај желбата никогаш да не се заборави омилениот меѓу гевгеличани Ице, ќе има и хуманитарен карактер, со цел да се донираат средства на оние кои им е најпотребно, нешто што Ристо се трудеше да го прави секојдневно. Деталите за фестивалот и поддршката можете да ја дадете на официјалната FB страна и веб-сајт.
Ристо Калиников е роден на 5 февруари 1990 година, во Гевгелија во фамилија која му давала неизмерна љубов и поддршка во секоја негова нова идеја и цел. Во таа 2003 година се раѓа и љубовта кон гитарата, веднаш откако почнал да посетува часови по гитара. Во 2004, како полуматурант, заедно со првиот македонски идол Иван Раденов и неговиот брат Илија Раденов ја основаат групата “Аквариус”. Набрзо по формирањето на групата се приклучува и Бранко Сапламаев. Фактот што сите четири членови се родени во хороскопскиот знак водолија бил доволен да го именуваат својот бенд Аквариус. Ристо во 2008 завршува средно образование во СОУ Јосиф Јосифовски во Гевгелија, по што се запишува на Американ Колеџ во Скопје на економија – насока финансии. Студиите успешно ги завршува на англиски јазик во 2011 година. Бројни планови, како за музиката, така и за деловниот свет за Ристо остануваат неостварени, откако му е дијагностицирана леукемија. По тешка 10 месечна борба, на 9 октомври 2012 година згаснува животот на ова 22 годишно момче полно со живот, енергија и насмевки, омилено меѓу сите.
Во изјава за Сител, Бранко Сапламаев, професор по музичко образование, еден од најдобрите пријатели на Ристо и еден од главните организатори на фестивалот, вели:
-Ристо Калиников беше гитарист во нашиот бенд АКВАРИУС, а и воедно мој најблизок пријател. Заедно растевме во музичката интелегенција,техника и начин на изразување на музичките чувства. Гитарист каков што секој бенд го посакува во својот состав, а ние го имавме. Ми фали како најдобар другар и прекрасен музичар, вели Бранко на прашањето што Ристо значел за него.
Го прашавме Бранко и како дошло до идејата за името на фестивалот, и што точно ќе се случува на 11 октомври:
-Побаравме помош од пријателите по социјалните мрежи заедно да го одредиме името на овој ПРВ концерт,и им се заблагодарувам на сите за помошта-имавме навистина прекрасни предлози. Се сетив на неговата голема неостварена желба-гитара која сакаше да ја има, позната како SRV (Stevie Ray Vaughan). Идејата беше прифатена од сите пријатели и останатата организаторска екипа како доста оригинална, истовремено одобрена од семејството на Ристо, а со тоа беше и изгласано името за настанот во чест на нашиот Ице.
-Во соработка со фамилија Калиникови, Директорката на Пионерски дом Гевгелија, Градоначалникот на Општина Гевгелија, господинот Иван Франгов, другарите на нашиот Ице, како и бендот, одлучивме да настапуваат сите локални негови пријатели-музичари, кои нестрпливо го чекаат овој настан и сакаат да презентираат парче музика за нашиот незаборавен пријател/другар за што им благодариме, дополнува Бранко.