Груевски: Велигден му дава значење на нашето постоење и нашата иднина

Дозволете ми, во мое лично име и во името на Владата на Република Македонија, Вам, на членовите на Синодот, на ценетото свештенство и монаштво, како и на сите православни верници во Македонија и дијаспората, да Ви го честитам Воскресението Христово – Велигден и да Ви посакам многу радост, среќа и духовен мир. 

           Велигден е денот што му дава значење на нашето создание, нашето постоење и нашата иднина. Тоа е денот што го создаде Господ, за да се радуваме и да ја славиме добрината. Преку Христовото воскресение луѓето го открија својот пример и научија да се раководат во животот според добрите вредности, научија да даруваат љубов, да шират добрини и да веруваат во нашиот Бог. Токму на Велигден, Богочовекот Христос ја принесе својата жртва за доброто на човештвото и преку своето воскресение го осветли патот на иднината. 

Токму затоа, да му се радуваме на Воскресението Христово и да го прославиме престојниот голем празник Велигден во духот на нашата религија и нашите православни обичаи, во семејството, споделувајќи радост, љубов и топлина. Да му благодариме на Бога за духовната сила која ни ја дава и да возвратиме со многу добри и благословени дела. Ова се денови кога се празнува љубовта и вредностите кои човекот треба да го водат низ животот. Да ги поткрепиме нашите семејства со  силна љубов и искрена верба. Да бидеме искрени пријатели и добри соседи. Да и бидеме верни на нашата земја и да се вложиме себеси за нејзин успех, за нејзин напредок, за заедничка и среќна иднина, за нови успеси, за напредна, достоинствена и модерна Република Македонија.

Нека ни е честит големиот празник и нека е за многу години ! 

(Интегрален текст од честитката на Премиерот Никола Груевски по повод големиот христијански празник Велигден)

најчитано сега