Технолошко-техничкиот факултет во Велес доби нови простории

 

Технолошко–техничкиот факултет од Универзитетот „Св. Климент Охриски“-Битола има нови простории во Велес кои денеска,  за почетокот на новата академска година, беа свечено отворени во поранешниот хотел „Вила Зора“.

Во новите простории со над 1.500 метри квадратни  има четири предавални, три лаборатории, сала за информатика, сала за состаноци и простории за професорскиот и административниот кадар.

Инвестицијата е вредна 6 милиони денари, од кои една третина ги обезбеди Министертсвото за образование и наука. Во објектот целосно се променети водоводната и електричната инсталација и системот за затоплување, поставени се нови врати и прозорци, набавени се клупи, столчиња, лабораториска и опрема за далечинско учење. - Објектот кој денеска официјално го ставаме во функција најсликовито ја прикажува визијата на раководството на Универзитетот „Св.Климент Охридски“, кое пред пет години донесе одлука да се формира Технолошко-техничкиот факултет овде, во Општина Велес. Бројот на запишани студенти на двете студиски програми, нутриционизам и прехранбена технологија и биотехнологија, го оправда верувањето дека има интерес кај младите за студирање на програми кои не беа застапени во Република Македонија, истакна министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Досега на факултетот се запишани над илјада студенти, од кои 36 дипломирале и се веќе работно ангажирани. Во моментов на факултетот во Велес студираат околу 400 студенти во двете студиски групи.

- Затоа правиме напори да се поврземе со сите институции и фирми. Сето тоа бидејќи прехранбена технологија без соработка со прехранбена индустрија не би ги постигнала потребните резултати. Затоа освен предавални ние добивме и лабораториски простории каде ќе имаме и практични вежби, а дел од праксата студентите од нашиот факултет ќе ја изведуваат во некои од прехранбените индустрии, рече Павлова.

 

17.09.2013 - 16:00
Фото: 
Радиомоф

најчитано сега