Мицкоски предложил: Дали сте за Договорот со Грција кој го уништува нашиот идентитет, јазик и култура

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вчерашната лидерска средба на маса ставил четири предлози како да се гласа на референдумското прашање, но во ниту еден од нив не се спомнувало членството на Македонија во ЕУ и НАТО, објави „Плусинфо“ повикувајќи се на свои извори.

Тоа било крајно неприфатливо за премиерот Заев и лидерите на ДУИ и Беса, Али Ахмети и Билал Касами, по што лидерската средба завршила без никаков договор за референдумот.

„Плусинфо“ пишува дека сите четири предлози кои Мицкоски ги понудил биле комплицирани, долги и двозначни, наспроти изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека инсистира на еднозначно референдумско прашање.

– Специфично е дека во ниту еден предлог за референдумското прашање не се споменува дека Договорот за името со Грција е поради членство на Македонија во ЕУ и во НАТО. Напротив, предлозите беа долги, на пример, дали сте за Договорот со Грција за промена на името на државата со промена на Уставот, идентитетот, јазикот… сите предлози беа долги можеби по половина страница – вели учесник на лидерската за „Плусинфо“.

Според извори на порталот, преговорите „пукнале“ кога Мицкоски го извадил и евентуалното референдумско прашање кое би се движело во насоката:

„Дали сте за поддршка на договорот со Грција кој го уништува целосно нашиот идентитет, јазик, култура…“

На ова освен Заев, жестоко се спротиставиле лидерите на ДУИ и Беса, Ахмети и Касами. Тие му укажале на Мицкоски дека Договорот со Грција е за да се деблокира членството на Македонија во НАТО и ЕУ. Ахмети и Касами потенцирале дека албанскиот политички блок и Албанците првично биле против каков било референдум, но дека отстапиле бидејќи ова пред сѐ, ги засега Македонците. И поради тоа што СДСМ, а пред сѐ ВМРО-ДПМНЕ во програмските определби имаат зацртано дека промената на името ќе оди на референдум.

– Два-три пати му беше укажано на Мицкоски дека граѓаните треба да се остават слободно да се изјаснат на референдум, без сугестии како да гласаат, само лидерите да повикаат граѓаните да излеат на референдумот – брифираат соговорници за Плусинфо.

Дали опозицијата со ставот за еднозначно прашање всушност бара два референдуми и дали е точно дека вчера понудила четири прашања и во ниту едно немало дека договорот за името е поради влез во ЕУ и НАТО, прашавме и во ВМРО-ДПМНЕ.

„Претседателот Мицкоски јасно и прецизно се изјасни во однос на референдумот. ВМРО-ДПМНЕ бара да се почитуваат Уставот, законите и демократските начела во овој процес, што всушност е и една од основните предуслови за влез во европското семејство. Прашањето за референдумот мора да биде јасно и недвосмислено за да можат граѓаните да ја изразат нивната волја, за да можат граѓаните да се определат „ЗА” или „ПРОТИВ”. Ние бараме без разлика каков ќе биде референдумот, да се почитуваат два кумулативни услови за успешен референдум, а тоа се: бројот на гласачи кои што гласале на референдумот да биде 50 отсто +1 од вкупниот број на избирачи по список и 50 отсто +1 од вкупниот број на гласачи на референдумот да бидат “ЗА”. ВМРО-ДПМНЕ несомнено е за ЕУ и НАТО и е првата политичка партија од осамостојување што се залага за тоа“, ни одговорија од партијата.

И вчера Мицкоски изјави дека ставот на неговата партија е оти тие бараат прашањето да биде еднозначно, односно да се однесува само на договорот.

 

 

 

24.07.2018 - 13:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега