Чешки и хрватски филмови во мајската програма на Кинотеката

Кинотеката на Македонија овој месец ќе организира програми на хрватскиот и чешкиот филм, програма по повод Денот на Европа и победата над фашизмот и циклус филмови за најмладите.

Од 15-ти до 21 мај ќе гостува Хрватската кинотека со филмови режирани од Ватрослав Мимица и Бранко Бауер, а меѓу нив и два македонски филма во нивна режија - „Македонски дел од пеколот“ на Мимица и „Три Ани“ на Бауер.  Ќе бидат прикажани и „Хранетиот“, „Каја, ќе те убијам!“, „Прометеј од островот Вишевица“, „Лице в лице“ и „Не свртувај се, сине“.

Од 23-ти до 27 мај ќе бидат прикажани четири филма во рамки на Деновите на чешкиот филм - „Бегај келнер“, „Со тебе уживам во светот“, „Вратете му го долгот на ѓаволот’ и „Кој бара злато?“

На 8 мај ќе има авторска вечер на Андријана Цветковиќ, на која ќе бидат прикажани нејзини кратки играни филмови снимени во Јапонија. Покрај специјална програма за 9 Мај, насловена „Најдобрите за ЕУ“, овој месец Кинотеката организира и втор дел од циклусот филмови посветени на 200 години од раѓањето на браќата Грим, а  филмови за најмладите ќе бидат прикажани и во рамки на фестивалот Македокс.

Мајската програма Кинотеката ја почна со циклус од четири филмови на Кирил Ценевски („Јад“, „Црно семе“, „Оловна бригада“ и „Јазол“ од 29 април до 2 мај), во чест на неговото прогласување за добитник на наградата „Златен објектив“ за 2013 година. 

МИА

најчитано сега