Велигденско послание на архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан

Да Му благодариме на Бога што и годинава се удостоивме да го дочекаме и прославиме Празникот над празниците – Христовото Воскресение. Во текот на Великиот Пост се потсетувавме на старозаветните пророштва и очекувања и на сè што доживеа нашиот Господ Исус Христос. И сега, откако го поминавме тој подвиг, еве, станавме учесници во радоста, па објавуваме: овој е денот што го создаде Господ, да се радуваме и веселиме во него! Денес е денот на христијанската Пасха, која има историско, но и надвремено и вечно значење. Еврејскиот збор „пасха” значи „премин”, а Христовото Воскресение е премин од смрт во живот, од распадливост и временост во трајност и вечност. Светата Црква речиси повеќе од дваесет столетија му ја објавува на светот вистината за Воскресението, кое е победа на животот над смртта; ја сведочи вистината која се открива и која ќе дојде како вечен живот – како заедница на човекот со сите созданија во Христа. Токму затоа овој е Голем или Велик Ден!

Смртта, најголемиот непријател на човештвото, со воскресението Христово засекогаш е победена. Со тоа Чудо над чудата, извојувана е победа не само над Неговата сопствена смрт, туку и над смртта воопшто. Во Неговото воскресение, воскресна и сиот човечки род и сета човечка природа, па затоа го празнуваме умртвувањето на смртта, разрушувањето на адот и почетокот на вечниот живот. Како што смртта дошла преку еден човек и била пренесена на сиот човечки род, така и преку воскресението на еден Човек, на Богочовекот Исус Христос, спасение добија – совоскреснаа сите луѓе. Спасителот беше распнат на крст, за да нè ослободи од гревот, и воскресна, постанувајќи првина меѓу умрените, за да ни дарува живот вечен (1. Кор. 15, 20). Во тоа е тајната на Христовата смрт и на Неговото воскрсение од мртвите (свети Григориј Ниски). А нам ни преостанува, секој во својот личен живот, живеејќи во Црквата, да ја надминеме смртта и уште во овој живот да го вкусиме воскресението, зашто човекољубивиот Господ нè направи учесници во Својата победа над смртта. Со Неговото воскресение, човечкото достоинство стана вечно и неуништливо, а љубовта надвладеа над омразата.

А како ќе го вкусиме Воскресението уште во овој живот и како ќе го постигнеме потребното човечко достоинство, покажано со Христовото воскресение? Воскреснатиот Господ Исус Христос ни порачува: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе” (Јн. 13, 35). Со љубовта, нелицемерна и несебична, ние ја надминуваме смртта и стекнуваме бесмртност и вечен живот. Патот кон спасението и стекнувањето на Божјата љубов, отците на Црквата го нарекуваат „наука над науките и уметност над уметностите”. Затоа, за тргнување по тој пат, неопходно е познавање на начинот на кој се оди по него. Таа возвишена наука треба да се изучи, та потоа да се живее според неа.

Возљубени чеда во воскреснатиот Господ,

Познавањето на верата е насушна потреба за човекот. Изучувајќи ги вистините на христијанската вера, ја отвораме вратата за влез во духовниот живот, којшто води кон стекнување на заедница со Бога и со сите луѓе. Повеќето етички образовни системи својот корен го имаат токму во библиските начела и принципи. Па дури и материјалистичката идеја за заеднички имот, потекнува од раната христијанска заедница. Разликата е само во тоа што тој идеал во атеистичката идеологија не е заснован на несебичната љубов, којашто се стекнува само и единствено со наш труд, како и со помош на благодатта од Светиот Дух.

Изучувањето на верата има пресудно значење во градењето на здрава личност. Одговорноста за тоа, најпрво, ја имаат родителите. Ако детето уште во семејството биде научено на христијанските принципи на однесување и размислување, голема е веројатноста дека и во понатамошниот живот ќе се развие во духовно зрела личност. Така воспитан, младиот човек ќе може многу поуспешно да се справува со разновидните и секојдневни предизвици што ги носи животот. Семејството што подоцна ќе го формира, ќе биде градено на здрави темели. Потоа и самиот ќе биде поттикнат да ги пренесе на следната генерација основните вистини и морални вредности на православната вера. А токму предавањето на овие вистини и вредности го одржало нашиот народ за време на неколкувековното друговерно владеење. Нашите предци биле свесни за непроценливата полза од познавањето на верата и тоа им го предавале на сите можни начини на идните генерации. Исто така, потребно е возрасните да им бидат жив пример на помладите, да бидат живо сведоштво на верата, зашто не е доволно само теоретското знаење и предавање. Оттаму, она што на нашите генерации им е најпотребно е вистинската духовна обнова, обнова во живеењето со верата прадедовска, преку која се отвораат вратите кон Вистината, потребна во животот на секој поединец и на сите заедно. И овие наши поколенија се повикани да бидат сведоци и следбеници, да бидат апостоли и благовесници на спасоносната вистина. Но како, ако немаат можност да ја слушнат и научат својата вера?! Впрочем, нема ништо поопасно од живеењето во незнаење, бидејќи незнаењето е способно за многу зла (свети Игнатиј Брјанчанинов).

Возљубени празникољупци,

Личноста и семејството се основните клетки на општеството. Какво ни е семејството, такво ќе ни биде и општеството. Ако ни е семејството побројно, такво ќе ни биде и општеството. А кога сме побројни, тогаш вложуваме сигурност и во опстанокот и во иднината, вложуваме и за себе и за потомците. Затоа, да застанеме храбро и да и се спротивставиме на белата чума која сака да нè пороби, да нè уништи.

Живееме во време кога на младиот човек му се нудат разновидни идеи и начела, коишто се спротивни на љубовта и влијаат во намалувањето на моралот и волјата за општествен придонес. Во основата на тие начела се сопствениот егоизам и личните телесни острастени уживања, при што другиот човек станува закана во реализирањето на истите. Од таквиот начин на размислување и живеење, се раѓаат нетрпеливоста, омразата и разорувањето на сè што е конструктивно.

Освен тоа, познавајќи ја и сакајќи ја својата вера, ние ги почитуваме и оние кои припаѓаат на друга вероисповед. Слободата е особина и дар на човекот, којашто Бог ја почитува кај секого од нас. Учејќи се во верата, разбираме како да ја почитуваме слободата на другите луѓе. Не може оној кој добро ја познава и практикува својата вера, да биде обземен од дух на нетолеранција. Особено во мултиетничките и мултиконфесионалните општества, неопходно е да се развиваат толеранцијата и меѓусебното почитување. Сите верски екстремизми и фундаментализми потекнуваат од непознавањето или погрешното познавање на верата. Тоа е дополнителна причина поради која целосното интегрирање на веронауката – како редовен предмет, е од суштинско значење за нашиот народ.

Таму каде што постои право на вероисповед, треба да постои и право на слободно и непречено изучување на истата. Минати се времињата кога верата се сметаше како закана за државното уредување. Во услови на слободна и демократска држава, изучувањето на веронауката не смее да се става под знак прашање или на маргините на образованието, или да не и се дава потребниот простор во медиумите, и воопшто во општеството. Ова го истакнуваме поради тоа што таа може само позитивно да влијае врз воспитувањето на младите, а со тоа и врз развојот на општеството.

Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква,

Оваа година чествуваме 1700 години од донесувањето на Миланскиот едикт од страна на императорот Константин Велики во 313 година, со кој христијаните во тогашната Римска Империја добиле слобода и рамноправност во исповедањето на својата вера. Тоа е настан што треба да ги обединува сите христијани и треба да ни биде поттик и потсетник за јакнење и развивање на единството и за надминување на разликите и недоразбирањата што сè уште постојат помеѓу следбениците на Христа. Нема подобро сведочење и исповедање на верата од нашето единство, како што и Самиот Он порачува: „да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат едно во Нас, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил” (Јн. 17, 21).

Годинава ќе одбележиме и 1150 години од Моравската мисија, кога светите браќа од Солун - Кирил и Методиј, од Македонија ги пренесоа на разбирлив јазик писменоста, богослужението и Евангелието меѓу словенските народи.

Во оваа 2013 година ќе прославиме и 110 години од Илинденското востание, од обидот да и се стави крај на тиранијата и петвековното друговерно ропство. Иако неуспешен и пропратен со многу жртви и трагедии, чинот на илинденците бил и останува идеал за родољубие, верољубие и слободољубие, пример како се сака Татковината и верата и како се жртвува за правдата и вистината.

Исто така, се навршуваат и 100 години од Букурешкиот мировен договор. На тој настан постојано се потсетуваме со длабока национална тага, поради големата трагедија и поделбата што му ја донесе на нашиот македонски народ и земја, од што и денес трпиме последици. Но доколку се трудиме да го сочуваме нашето национално единство, и во поделената Татковина и меѓу иселените Македонци по светот, ќе можеме пред сите и насекаде да покажеме дека со ниеден договор и со никаква одлука не може да се подели обединетиот македонски народ.

Посакувајќи ви постојана радост во Воскреснатиот Господ Исус Христос, ви го честитаме празникот Велигден, со најрадосниот поздрав ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!

(Press24 интегрално ви го пренесува Велигденското послание на архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан и Светскиот архиерејски синод на МПЦ)

ФОТО: Комуникација.мк

најчитано сега