Јанушев: Над 75% од граѓаните се против Договорот со Грција - почнува дебаклот на СДСМ
СДСМ се веќе свесни дека ја изгубија поддршката од народот и дека веќе им станува невозможно и тешко да го испорачаат тоа што го ветиле. Дебаклот за нив веќе е почнат и сите нивни потези во изминатиот период се исто како кога давеник се фаќа за сламка, изјави во генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев во „Отворено студио“ на Алфа телевизија.
– Последните истражувања кажуваат дека повеќе од 75 отсто од граѓаните се против договорот со Грција, исто така и ВМРО-ДПМНЕ има предност пред СДСМ и тие се свесни за тоа, а потврда на сето тоа е т.н. прослава која ја организира каде што некаде имаше дури и по еден човек, а Заев беше исвиркан на прославата во Прилеп. Граѓаните не го прифаќаат, потенцираше Јанушев.
Посочи и дека СДСМ и Заев последниот период се обидуваат да создадат фама оти ВМРО-ДПМНЕ е против НАТО и ЕУ, но потсети дека токму ВМРО-ДПМНЕ во изминатите години ги направи најголемите реформи за пристапување и исполнување на условите за двете организации.
– Токму ВМРО-ДПМНЕ изврши најголемо усогласување со правото односно со легислативата на ЕУ и откога постои ВМРО-ДПМНЕ се залага за членство во ЕУ и НАТО, истакна Јанушев.
Во врска со поврзувањето на договорот со Грција и членството во ЕУ и НАТО и обвинувањата дека кој е против договорот е против ЕУ и НАТО, Јанушев нагласи оти тие се одвоени работи, едно е прашањето на договорот со Грција, а сосема друго е пристапувањето во ЕУ и НАТО. Во контекст на тоа тој додава дека член 15 од Законот за референдум во став 4 вели дека прашањето на гласачкото ливче треба да биде прецизно формулирано и недвосмислено, за граѓанинот да може да одговори со „За“ или „Против“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа