Родилката од Гевгелија доживеала масивен мозочен удар?

 

Масивен мозочен удар е најверојатно причината поради која се влошила состојбата на родилката од Гевгелија, која пет дена по породувањето била однесена во Клиниката за неврологија со симптоми кои наликуваат на епилептични напади, објави Слободен печат.

 Што довело до оваа состојба и пто предизвикало смрт кај 31-годишната родилка, сепак ќе биде утврдено по резултатите од бодукцијата.

Инспектори од Државната санитарна инспекција вршеа увид кај матичниот гинеколог на родилката, а увид ќе се направи и на КАРИЛ со цел да се утврди како била третирана бременоста на родилката.

Директорот на Клиниката за неврологија вели дека пациентката кај нив била донесена на 4 јули во раните утрински часови. Во податоците што ги добиле од семејството било наведено дека пациентката имала кратки невролошки напади и за време на бременоста, но не им било дадено значење.

-Кај нас пациентката беше донесена со итна помош во придружба на гинеколог и невролог, бидејќи биле регистрирани невролошки напади што личеле на епилепсија. Направена и беше компјутерска томографија која покажа дека не станува збор за мозочно крварње и ЕЕГ кое беше во рамките на нормалата. Беше направена и крвна слика која не укажуваше не некои поголеми проблеми. Повикавме на консултација и лекар од КАРИЛ и од Клиника за гинекологија, беше дадена терапија, но и покрај се, елипептичните напади почнаа да се зачестуваат, по што по седум до осум часа од приемот беше префрлена на КАРИЛ – вели Барбов, директор на Клиниката за неврологија.

Тој вели дека кај родилките за време на бременоста и по породувањето може да се наруши тромбоцитскиот статус, односно да дојде до пореметување на коагулацијата на крвта, па поради тоа да се јават симтоми како кај родилката од Гевгелија.

-Таква состојба може да предизвика мозочен удар, кој не може да се види на компјутерска томографија во првите 24 часа. Планиравме да направиме и контролно КТ како и магнетна резонанца, но поради тоа што и се влоши состојбата немаше време – вели Барбов.

Раководителката на КАРИЛ Маја Мојсова, пак, вели дека пациентката кај нив била донесена без знаци на живот, без пулс и циркулација, поради што била реанимирана. Но за повеќе информации таа упатува во Министерството за здравство, кое го испитува случајот. Родилката почина на оваа клиника откако две недели беше во кома.

Од гевгелиската болница објаснуваат дека жената била породена со царски рез, дека пред породувањето како и потоа и се направени сите потребни иследувања, но дека се било во нормални вредности. Родилката примала терапија за регулирање на коагулација на крвта за време на бременоста и потоа.

Државниот санинатрен и здравствен инспекторат денеска спроведува вонреден инспекциски надзор во Општата болница во Гевгелија и кај матичниот гинеколог.

-Во овој момент може само да кажеме дека во рамките на нашите законски надлежности правиме вонреден инспекциски надзор во болницата и кај матичниот лекар. Повеќе детали ќе можеме да дадеме откако ќе видиме како е постапувано со родилката за време на бременоста и породувањето како и потоа – вели Ирина Бухова, директор на Здравствениот и санитарен инспекторат.

Од Министерството за здравство информираат дека Елизабета Савиќ Динева била донесена од Гевгелија во Клиничкиот центар Скопје пет ден по породувањето поради епилептични напади од непознато потекло.

„Таа прво била хоспитализирана на Клиникa за неврологија, каде останала 24 часa. Првично била во добра општа состојба, се хранела нормално, разговарала, по што западнала во кома и еден час била реанимирана во Ургентен центар. Веднаш било побарано конзилијарно мислење од КАРИЛ, од каде информираат дека е постапено согласно сите протоколи, направени се сите иследувања, направена е компјутерска томографија. По две недели во кома починала и телото е предадено на обдукција“, објаснуваат од ресорното министерство.

Оттаму порачуваат дека, имајќи во предвид дека во Клинички центар е донесена пет дена по породувањето, потребно е да се почека обдукцискиот наод и да не се шпекулира дека смртта е поврзана со породувањето и дека станува збор за лекарска грешка.

Блиски пријатели на пациентката обвинуваат за грешка на здравствениот систем.

Савиќ-Динева се породила на 29 јуни во Гевгелија, со царски рез и на свет донела здраво бебе. По три дена таа била пуштена дома заедно со бебето. Состојбата и се влошила додека била дома, добила грчеви, и оттаму заминала во болницата во Гевгелија. Веднаш била препратена на Клиниката за неврологија.

 

 

 

 

 

19.07.2018 - 18:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега