Пицула очекува дека ЕК ќе ги одбие визите

 

Европратаеникот Тонино Пицула очекува дека Европската комисија ќе одбие да ја спроведе одлуката на Европарламентот за усвојување механизам кој овозможува на земјите од Западен Балкан повторно привремено да им се воведат визи.

Во интервју за „Дневни Аваз“ тој вели дека неколку еврокомесари изнеле очекување оти одлуката донесена минатиот четврток во Стразбур ќе се најде пред судиите во Европскиот суд на правдата во Луксембург.

Пицула вели дека при гласањето бил воздржан, како и останатите европратеници од Хрватска.

„Бев воздржан и ќе објаснам зошто. Како прво, пред гласањето, барав таа точка да се одложи и да не се изјаснуваме. Сметав и сметам дека ЕК вакво нешто нема да прифати поради одредбите кои се дополнително додадени. За време на подготовките за таа точка од дневниот ред колешката Тања Фајон ни рече дека станува збор за  нешто што излегува од рамките на Лисабонскиот договор, но и практиката ЕП да има целосна контрола над расправата дали некому треба да се ведат визи или не. Поради некои `иновации`, сега на државите, под изговор за `вонредна состојба`, им се дава право поради сопствени интереси некому да можат да наметнат визи“, рече Пицула. 

Eвропратеникот нагласи дека барале тој предлог воопшто да не се разгледува, но сепак биле надгласени.

 

На прашањето дали очекува Советот на министри на ЕУ во Одборот за правосудство и внатрешна безбедност да го одбие ставот на ЕК, Пицула рече дека е тешко за тоа да се зборува и оти се зависи од тоа колку се политички силни притисоците на оние кои довеле до тоа да се измени нешто што било претходно усогласено во ЕП и имало речиси едногласна поддршка.

17.09.2013 - 12:24

најчитано сега