Трајанов: Со европски посредник побрзо ќе се реши спорот со името

Првиот човек на Демократскиот сојуз Павле Трајанов смета дека за да се одблокираат европските интеграции, од ЕУ ќе мораат да изберат посредник со цел да се реши побрзо проблемот со името, пренесува Нова Македонија. 

Трајанов изјави дека ваквиот предлог не бил само негова желба туку дека за истиот се разговара во дипломатските кругови во Брисел.

Посредникот во спорот ќе има за задача да ги надмине разликите за името на начин што темелно ќе ги проучи позициите на Скопје и на Атина и ќе работи на решавање на проблемот, ќе предлага идеи, а тоа ќе го прави и во соработка со посредникот на Обединетите нации, Метју Нимиц. 

- Досега посредник беше Нимиц, кој е назначен од ОН, и осумнаесет години нема напредок во разговорите, а нам како на држава ни е битно да имаме напредок во Европската Унија и да станеме членка на НАТО. Во оваа насока, бидејќи Грција е членка, ЕУ може да назначи посредник, кој темелно ќе се запознае со спорот, ќе ги анализира грчките позиции, ќе ги проучи нашите ставови и ќе има легитимитет да дава идеи и предлози како да се надмине спорот за Македонија да ги почне преговорите за зачленување во Европската Унија - објаснува Трајанов.

Според Трајанов Грција за прв пат отворено си ги кажала позициите нешто поради што потребата од ваков посредник на ЕУ не е само желба туку ќе стане и нужна потреба. 

Според Трајанов, бидејќи во овој момент не е можно крајно решение, проблемот треба да се решава во неколку фази. 

- Прво, замена на референцата БЈРМ, потоа опсегот на меѓународна употреба и резолуција од Советот за безбедност на ОН во која ќе бидат вметнати договорите за неменливост на границите и гаранција за македонскиот национален идентитет - вели Трајанов.

Со ваквиот предлог се согласува и аналитичарот Алберт Муслиу кој смета дека посредник назначен од Европската Унија би можел да помогне во решавањето на проблемот.

- ЕУ не е основана само врз гласови туку и врз принципи и секое вклучување и делегирање европски претставник значи и зголемено влијание на европските принципи. Но сметам дека Атина нема да го дозволи тоа и ќе се оправдува со аргументите дека веќе има разговори што се водат под покровителство на Обединетите нации и дека нашиот спор не е сериозен проблем за самата Унија - оценува Муслиу. 

Извор: Нова Македонија

17.09.2013 - 10:58
Фото: 
Евести

најчитано сега