Пратеник на „Златна Зора“ го нападнал градоначалникот на Атина

 

Атинскиот градоначалник Јоргос Каминис бил нападнат од пратеник на неофашистичката „Златна Зора“ откако полицијата денеска ги спречи припадниците на партијата да делат храна само на Грци на централниот плоштад Синтагма.

Грчките медиуми јавија дека Јоргос Герменис се обидел да го удри Каминис во општината на градот каде се делеле велигденски свеќи на деца, но бил запрен од обезбедувањето на градоначалникот. Во инцидентот е повредено едно 12-годишно девојче.

При нападот Герменис се обидел да го извади и својот пиштол, изјавил неименуван очевидец. Во изјава за радио Вима, Каминис ги потврди сите наводи.

Грчката полиција утрово употреби солзавец на плоштадот Синтагма за ги спречи припадниците на неофашистичката партија „Златна зора“ да ја организираат акцијата за делење храна „Само на Грци“.

Полицијата утрово беше на плоштадот откако градоначалникот на Атина побара од министерот за јавен ред Никос Дендиас силите за спроведување на законите да интервенираат и да ја спречат партијата да го одржи настанот. Каминис истакна дека добротворниот настан не е легален и нема дозвола за одржување. Тој нагласи дека нема да дозволи да се одржи настан што поттикнува омраза. 

најчитано сега