Хејг: Светот мора да продолжи со притисокот врз Асад

- Сирија мора да биде под закана, доколку не ги спроведе одредбите од спогодбата за нејзиното хемиско оружје, изјави шефот на британската дипломатија Вилијам Хејг денеска во Париз.

-  Светот мора да продолжи со притисокот врз сирискиот претседател Башар ал Асад и врз неговиот режим, за кого тврди дека е виновен за користењето на ова оружје против сопствениот народ, она што за Велика Британија е примарно во овој момент, тоа е да се обезбеди усвојување на резолуција на ОН за спроведување на спогодбата од Женева, рече шефот на британскиот Форин Офис.

Денеска Хејг престојуваше во Париз на тројната средба со министерот за надворешни работи на Франција Лоран Фабиус и со државниот секретар на САД, Џон Кери, а потоа учествуваше и на средбата на тројцата министри со францускиот претседател Франсоа Оланд.

Американскиот државен секретар ги извести своите колеги од Франција и Велика Британија за разговорите што во Женева ги имаше со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, како и за постигнатата американско-руска спогодба за сириското хемиско оружје.

САД и Русија се договорија, сириската армија во рок од една недела да го предаде списокот со локациите каде се складирани резервите од хемиско оружје, како и до средината на идната 2014 година, Сирија целосно да го уништи ова оружје.

Постигнатата спогодбата од Женева во саботата, која беше по руска иницијатива, во обидот да се спречи воената интервенција на САД и Франција, беше поздравена од меѓународната јавност. Од Дамаск ја прифатија спогодбата и побараа приклучување кон меѓународната конвеција за неупотреба на хемиското оружје.

Западот тврди дека вината за инцидентот од 21 август кога е користено хемиско оружје во далечните реони околу Дамаск, е „исклучиво на режимот на Асад“ иако се уште нема сознанија кој навистина користел недозволиви хемиски супстанци во борбите. Русија обвини делови од сириските бунтовници дека користат хемиско оружје, но извештајот на контролорите на ОН треба да биде обелоденет во текот на оваа недела.

Британскиот министер Хејг повтори дека Велика Британија ќе продолжи да работи во настојувањето да се запре крвопролевањето во Сирија, но и дека ќе продолжи да ја помага умерената сириска опозиција, додаде Хејг.

16.09.2013 - 16:21