Груевски: Растот во економијата ја намалува невработеноста

Растот на индустриското производство од 3,9 отсто во вториот квартал е над очекувањата и е трет најголем раст во Европа, по Литванија и Латвија, а растот на БДП придонесе невработеноста првпат да падне под психолошката граница од 30 отсто истакна денеска премиерот Никола Груевски.

- Во првиот квартал имавме раст од 2,9 отсто и тоа беше четврт најголем раст во тој квартал. Сега со раст од 3,9 отсто во овој квартал практично е трет најголем раст споредено од земјите во Европа и со прилично голема доза на сигурност може да се каже дека годинава во најмала рака ќе се исполни планираниот раст од 2 отсто, а се поизвесно е дека ќе биде и повисок од 2 отсто, рече премиерот Никола Груевски.

- Како и да е, во услови кога кризата се уште не е надмината во ЕУ и еврозоната задоволство е да се констатира дека Македонија успева во овие месеци да исплива со еден солиден раст што дава надеж дека и во наредниот период така ќе се продолжи. И не е случајно тоа што токму во овој период невработеноста падна од психолошката граница од 30 отсто на 29,9 отсто што не се случило никогаш досега откако постои анкетата за работна сила од 1996 година до денеска. Сето тоа е поврзано, растот на БДП предизвикува и намалување на невработеноста. Се разбира, предизвикува и други параметри. Така, стабилен е и извозот и сите други параметри од индустриското производство, посочи премиерот Никола Груевски.

16.09.2013 - 14:47

најчитано сега