Министерот Ристовски на првиот академски час на Природно-математичкиот и на Машинскиот факултет во Скопје

 

 

На првиот академски час од  2013/2014 година, министерот за образование и наука Спиро Ристовски беше меѓу новите студенти на Природно-математичкиот и на Машинскиот факултет во Скопје.

- Убеден сум дека следуваат генерации млади, перспективни луѓе, кои ќе придонесат за уште поголем раст  и развој на Република Македонија на сите полиња. Задоволен сум што оваа година на неколку од посебните институти е евидентирано значително зголемување на запишани студенти и тоа во области во кои има сериозен дефицит. На Институтот за хемија бројот на запишани студенти е зголемен за 50 проценти, а на Институтот за физика имаме четирикратно зголемување од претходно. Ова го истакнувам како исклучително значајно зашто доколку се продолжеше со слабиот упис на институтите за физика и за хемија, можеше да се случи за некоја година во Македонија да немаме кадар од овие области, истакна Ристовски.

Министерот за образование соопшти дека од вкупно 25.624 слободни места за прва година на петте државни универзитети (во Скопје, Битола, Штип, Тетово и Охрид) по првите два уписа се запишани околу 15.000 бруцоши.

-  Ќе продолжиме и натаму да инвестираме во образованието. Во овие амфитеатри ќе го добиете потребното знаење, но само ако имате доволно желба и истрајност да ги апсорбирате информациите, знаењето и искуствата на вашите професори, можноста ви е дадена на сите. Високото образование е достапно повеќе од кога било досега и тоа треба да го искористите, рече Ристовски кој во оваа пригода симболично врачи индекс на еден од десетмина студенти кои ќе добиваат стипнедија од УКИМ.

Првиот академски час пригодно беше одбележан на сите 24 факултети во составот на УКИМ. 

16.09.2013 - 14:22
Фото: 
Региони.мк

најчитано сега