Јакимовски: Земјоделците не се должни да ја плаќаат неспособноста на Николовски и неговата желба за министерување
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека со СДСМ на власт земјоделието запаѓа во целосен хаос. Како што вели Миле Јакимовски производителите на пченица веќе на своја кожа ја чувствуваат неспособноста на Заев и криминалната свита околу него. Претседателот на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ вели дека на недела дена пред жетвата на пченицата се уште немаме потврда дали домашните мелничари ќе го откупуваат домашното производство или не.
-Заев и Николовски ја искомплицираа состојбата во мелничарската индустрија, како што обвинуваат земјоделците пазарот е презаситен со српско брашно, а државата нема никаков одбранбен механизам. Имено Љупчо Николовски се покажа неспособен да го реши проблемот со увозот на брашното, маркичките и сите оние попратни елементи. Во таа смисла, истиот даде ветувања на 10 мај оваа година даде ветувања дека ќе ја реши до 30 јуни и дека со самото тоа ќе се стабилизирала состојбата пред жетвата, како домашните производители и мелничари ќе можат да ја реализираат жетвата во порелаксиран амбиент, изјави Јакимовски на прес конференција.
Тој кажа дека денеска е 1 јули, а ситуацијата не само што не е решена туку е и дополнително искомплицирана, а од министерот ни трага ни глас.
-Мелничарите се закануваат дека нема да откупуваат, а земјоделците се исплашени каде ќе ја пласираат овогодинешната реколта. ВМРО–ДПМНЕ јавно апелира, власта сериозно да ја сфати тешката ситуација и проблемите кои ќе настанат во оваа жетва доколку не се преземат конкретни мерки. Конкретните мерки ќе овозможат непречен откуп по достоинствени цени, изјави Јакимовски.
Тој кажа дека Николовски и СДСМ не смеат да си поигруваат со илјадници производители на пченица, чија примарна дејност е производството на лебно зрно. Јакимовски потенцираше дека земјоделците чекаат конкретни мерки.
-Доколку Николовски не знае што и како треба да преземе со цел регулирање на состојбите, тој веднаш треба да си поднесе оставка. Земјоделците не се должни да ја плаќаат неспособноста на Николовски и неговата желба за министерување. За оваа состојба, колку е да се трудите да објаснувате нема да ви биде виновно ВМРО-ДПМНЕ туку вие самиот и неспособната Влада на СДСМ. Јавноста будно ги следи сите состојби, а особено во земјоделството. Соочете се со стварноста и бидете подготвени за заслужената казна на наредните избори. Трпението на земјоделците и македонската јавност се при крај. Оваа неспособна власт мора да си замине, за Македонија да тргне напред, изјави Јакимовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа