Мицкоски го менува ставот за референдумот?

 

Вчерашниот став на опозицискиот лидер Мицкоски во врска со најавениот референдум за името, како да најави можност за промена на позицијата која партискиот претседател ја најави пред неколку недели.
Ако на почетокот на месецот, Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање рече дека ако се одржи референдум, тој на него ќе гласа против, вчера во интервју на Канал 5, првиот човек на опозицијата повторно ги остави сите опции отворени.

Мицкоски рече дека партијата ќе почека да се види дали и каков референдум ќе има, дали обврзувачки или консултативен, какво ќе биде прашањето, како ќе се организира и така согласно условите ќе ги гради ставовите и ќе реагира

– ВМРО нема да дозволи во никој случај да биде дел од туѓи сценарија. Ќе делува институционално, демократски, но не е исклучена можноста за организрање масовни протести и настани, во периодот што следува. ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува и поздравува сите мирни протести кои се во насока на критика на ова капитуланстско дело – рече Мицкоски, додавајќи дека нема да поддржат протести кои би кулминирале со некави сценарија, со инфилтрирани радикални елементи и насилство.

На прашањето дали се вистините информациите дека 10 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ би поддржале промена на Уставот, односно би го обезбедиле потребното дво-третинско мнозинство, Мицкоски рече дека тоа се пусти желби на власта и доколку тоа би било така не би имале потреба да спроведуваат референдум, туку веднаш би можеле да го променат македонскиот Устав.

Позиционирањето на ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на најавениот референдум ќе биде клучно за неговиот епилог. Математиката вели дека ако партијата не го повика своето членство да гласа на референдумот тогаш извесно е дека тој нема да го исполни потребниот цензус од над 900.000 гласови.
Од друга страна, поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ и општо десничарски расположеното гласачко тело во поголемо мнозинство не се согласува со Договорот на македонскиот и грчкиот премиер, што значи дека и евентуална одлука на ВМРО-ДПМНЕ да не им сугерира на своите поддржувачи како да гласаат би можела негативно да се одрази врз цензусот на референдумот.

Треба да се напомене дека освен личниот став на лидерот Мицкоски, партијата нема излезено со официјален став за тоа каква позиција ќе заземе на референдумот.
Дел од пратениците во партијата но и повеќе повисоко позиционирани функционери велат дека се свесни за „штетноста на капитулантскиот договор“ и дека единствен начин да се спречи неговата имплементација ќе биде бојкот на референдумот.

 

 

 

 

27.06.2018 - 12:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега