Мицкоски не открива како ВМРО-ДПМНЕ ќе се позиционира на референдумот
Мицкоски не открива како ВМРО-ДПМНЕ ќе се постави на референдумот за името. По првично искажаниот став дека тој на референдумот ќе гласа против, денеска Мицкоски остави простор и за други варијанти
Во врска со евентуален референдум, партијата ќе почека да се види дали и каков референдум ќе има, дали обврзувачки или консултативен, какво ќе биде прашањето, како ќе се организира и така согласно условите ќе ги гради ставовите и ќе реагира, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во емисијата „Само Вистина“.
– ВМРО нема да дозволи во никој случај да биде дел од туѓи сценарија. Ќе делува институционално, демократски, но не е исклучена можноста за организрање масовни протести и настани, во периодот што следува. ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува и поздравува сите мирни протести кои се во насока на критика на ова капитуланстско дело – рече Мицкоски, додавајќи дека нема да поддржат протести кои би кулминирале со некави сценарија, со инфилтрирани радикални елементи и насилство.
На прашањето дали се вистините информациите дека 10 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ би поддржале промена на Уставот, односно би го обезбедиле потребното дво-третинско мнозинство, Мицкоски рече дека тоа се пусти желби на власта и доколку тоа би било така не би имале потреба да спроведуваат референдум, туку веднаш би можеле да го променат македонскиот Устав.
Претходно опозицискиот лидер на новинарско прашање како ќе гласа на референдумот се изјасни дека ќе гласа против, што во јавноста беше дочекано како став дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи референдумот и ќе го дополни цензсот за тој да успее.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа