Мицкоски: Стоиме позади Претседателот Иванов
ВМРО-ДПМНЕ смета дека одлуката на македонскиот претседател Ѓорге Иванов да не го потпише Законот за ратификација на Договорот за спорот со името меѓу Македонија и Грција е исправна, водена од потребата на заштита на Уставот и државата, и оти за тоа има и сериозни правни аргументи, вели претседателот на партијата Кристијан Мицкоски. Најавува бојкот и на следната седница на која тој договор ќе биде ставен повторно, а го овтори и ставот дека нема да поддржат уставни измени со цел промена на уставното име.
- Претседателот Иванов има сериозни и силни аргументи за неговата постапка. Стоиме позади неговата одлука и ја поддржуваме бидејќи сите избрани функционери дале заклетва дека ќе ги почитуваат и штитат Уставот и законите, а тој тоа и го прави, рече Мицкоски во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 ТВ.
Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ го охрабрува македонскиот претседател да опстои на оваа политика, бидејќи, рече станува збор за капитулантски Договор на Владата на Заев.
Најави дека кога Законот ќе биде ставен повторно на собраниска седница, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ нема да учествуваат, затоа, што, како што рече, немаат намера да бидат соучесници во продавањето на интересите на Македонија и во кршење на процедурите, законите и Уставот на државата.
Го повтори и ставовите за штетноста на Договорот, за губење на стекнатите идентитетски права, како и ставот на партијата дека никогаш нема да поддржи промена на Уставот со цел промена на уставното име на државата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа