Очевидец на несреќата во кочанско: Сопирачките не работеа бидејќи тракторот "леташе" со исклучен мотор

Првичните неофицијални информации се дека сега веќе починатиот возач на тракторот кој вчера се преврте во кочанско, возел по удолница со изгаснат мотор. Тоа го спречило, да ги користи сопитачките, па така се дошло до трагичната несреќа, сведочи очевидец на несреќата за Канал 5. Според очевидецот, кога тракторот се превртел по удолницата, тој летал со огромна брзина и за дечињата било невозможно да скокнат и да се спасат.

Децата кои настрадаа во вчерашната трагедија се од три кочански села Градовци, Прибачево и Оризари. Тие биле полуматуранти кои првомајскиот излет го минале на падините од Осогово, објавува Канал 5. На враќање го сретнале возачот на тракторот Миле Давитков и го замолиле да ги превезе до кочанско Оризари.

Две од четирите деца кои се сместени на одделот за интензивна нега на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) се уште се во животна опасност  и се во коматозна состојба со повреди на главата и нагмечување на градниот кош по тешката сообраќајна несреќа што се случи синоќа во близина на кочанското село Оризари, информираат од Ургентниот центар.

Во Ургентниот центар се примени 11 деца. Пет деца се лекуваат на Клиниката за неврохирургија, од кои две се во потешка состојба и се на одделот за интензивно лекување на оваа клиника, а три се на одделение.

Две деца се примени на Детска хирурхија, тие се во добра здравствена состојба и најверојатно денеска ќе бидат пуштени на домашно лекување.

Од Ургентниот центар информираат дека една оперативна интервенција е направена врз девојче на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија поради санирање повреди на лице. Интервенцијата траела до 5 часот изутрината и потоа е однесено повторно на КАРИЛ.

Три деца се хопситализирани на интензивна нега во Општата болница во Кочани и нивната здравствена состојба е стабилна

Повредените деца се на возраст од 4 до 13 години.

ФОТО: Курир