Османи на средба со Хоџај: Искуствата од преговорите со ЕУ ќе ги споделиме со најблиските соседи

 Македонија има стекнато огромни искуства преку долгогодишните активности во рамките на процесот за Стабилизација и ссоцијација со Европската унија, а во следниот период, со почетокот на преговорите со Унијата, овие искуства неколкукратно ќе се зголемат, изјави вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи на денешната средба во Приштина со потпретседателот на косововската Влада Енвер Хоџај.

- Како најблиски соседи, со задоволство овие искуства ќе ги пренесеме на колегите од Косово, а со цел забрзување и унапредување на европските перспективи на целиот регион, додаде Османи, посочувајќи притоа дека наскоро се очекува заедничка владина седница на двете земји, како важен сигнал за исклучително добрите односи меѓу нив. 

Двајцата соговорници ја потенцираа заложбата на двете земји за европската перспектива на регионот, за што од интерес на двете земји е меѓусебно да се поддржат во процесот на интеграција во ЕУ.  

Како доказ за исклучително добрите односи тие го посочија неодамнешното поставување камен-темелник на заедничкиот објект на двете држави т.е. поставување на камен темелник на заедничкиот граничен премин – Белановце Станчиќ, а изразија и задоволство за напредокот за изградба на патниот правец Скопје – Блаце, проект кој заедно со автопатот Приштина – Блаце, чија изградба е во тек, треба да го намали времето на патување меѓу Скопје и Приштина од сегашните два часа, на помалку од еден час.

Претходно вицепремиерот Османи оствари средба и со претседателот на Косово, Хачим Тачи, каде се разговараше за европските перспективи на двете земји, на целиот Западен Балкан, како и за очекувањата од претстојните самити на Европската унија. 

 

 

 

19.06.2018 - 12:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега