Стоилковски: Нема повисоки плати во здравството, но има повисоки профити за бизнис партнерите на СДСМ

 

Зоран Евро Заев и ресорниот министер за здравство Венко Филипче од познатата ЌЕ влада на Република Македонија денеска излегоа пред лекарската фела со старите замајувања – ЌЕ добиете повисоки плати, ЌЕ добиете подобри услови – ЌЕ направиме се за да ве задржиме во домашното јавно здравство. Но, сета јавност гледа дека и за оваа влада за една намена, како и секоја предводена од СДСМ, приоритет бил бизнисот, а не здравјето на граѓаните, ова денеска на пресконференција го истакна Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Повисоки плати нема, но има повисоки профити за бизнис партнерите на СДСМ. Доказ за тоа е скандалозниот план за централизација на биохемиските лаборатории. Со овој зафат, таканаречена реформа, 35 милиони евра ќе завршат во точно определени финансиски групации блиски до кланот на власт. Профит на сметка на здравјето на пациентите чија што крв од Велес ќе се транспортира за обработка во Битола, онаа на пациентите од Гостивар и околината ќе се транспортира во Тетово, од Берово, Делчево и Пехчево ќе се транспортира во Струмица. И докторите и јавноста се свесни дека, ниту ќе се направи некаква заштеда, како што најавува министерот, ниту ќе се подобрат услугите кои што ги добиваат пациентите. Единствено ќе се зголеми можноста да се добијат погрешни и неточни резултати, а со тоа и погрешна дијагноза и несоодветен третман за пациентите. Ваквиот зафат, подготвената централизација, со техничка спецификација спротивна на Законот на јавните набавки, и тендер кој што ја исклучува конкуренцијата и не бара никакви гаранции, единствено може да донесе штета на пациентите, потенцира Стоилковски.

Тој додава дека единствената реформа во здравството на Евро Заев и Филипче е оставањето на пациентите да патуваат по десетици километри за испитување на крвта, а вработените да се прашуваат дали и до кога ќе продолжат да работат. Со зафатот на Филипче и Евро Заев, 100.000 Прилепчани ќе немаат во градот биохемиска лабораторија. А во таква состојба се доведуваат и Кавадарчани, Гевгеличани, Гостиварчани, Стружани и други жители на поголемите градови во Република Македонија.

-Го повикуваме министерот Филипче да се откаже од реализацијата на овој проект за централизирање на биохемиските лаборатории, и да започне што побрзо да го реформира и реорганизира јавното, а не приватното здравство, и тоа во вистинска смисла на зборот. Секој ден со кланот на власт, Македонија тоне се подлабоко. Граѓаните заслужуваат подобро, Македонија може подобро, ВМРО-ДПМНЕ знае и умее подобро. Оваа власт мора што поскоро да замине. И ќе замине, Македонија ќе победи, вели Стоилковски.

 

 

 

11.06.2018 - 18:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега