„Подарете книга за Велигденско јајце - симбол на Христовото Воскресение“

Традиционалната седма по ред манифестација насловена „Подарете книга за Велигденско јајце - симбол на Христовото Воскресение“ ќе се одржи денеска во Домот на културата „Илинден“ во општина Илинден.

Од општината информираат дека манифестацијата ги опфаќа образованието, културата, уметноста, традицијата и религијата.

По повод големиот христијански празник Воскресение Христово-Велигден во Домот на културата „Илинден“ ќе бидат изложени 2013 украсени велигденски јајца кои ќе бидат поделени на секој посетител што ќе подари книга.

Подарените книги ќе бидат наменети за првата „Општинска библиотека Илинден“, со што ќе го збогатат библиотечниот фонд со нови содржини кои ќе ги надградуваат знаењата на студентите и учениците во општина Илинден.

Во изминатите шест години со организирање вакви манифестации се собрани над 18.000 книги кои ги збогатија училишните библиотеки во основните училишта „Гоце Делчев“, „Ристо Крле“ и „Браќа Миладиновци“ во општина Илинден.

ФОТО: dw.de