Османи за МИА: Важно е да се задржи довербата меѓу Скопје и Атина

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи во интервју за МИА нагласува дека е важно да се задржи довербата меѓу Македонија и Грција во процесот на преговори за решавање на спорот за името. 

-Лично сум оптимист. Последните метри од секоја трка се најтешки. Тука се разликуваат лидерите од другите. Треба да се издржи овој последен период од маратанот и да заврши позитивно. Тоа ќе ја одблокира целата држава, вели Османи одговарајќи на прашањето што и порачал на високата претсавничка на ЕУ Федерика Могерини за време на денешната средба во Брисел. 

Нагласи дека ја информирал за развојот на преговорите, во како што рече, последните часови  меѓу двете страни, за напредокот меѓутоа и за разликите кои се уште постојат и дека е потребно секој добронамерен да помогне да се надминат овие разлики во позитивна атмосфера, во овој процес на меѓусебна доверба. 

На прашањето дали процесот е заглавен Османи истакна дека не може да навлегува во детали, поради сензитивноста на прашањето. 

Во врска со тоа дали има ризик да се загуби довербата, вели оти нема такви индиции. 

- Немам такви индиции, но од искуство и поука од тешки процеси, последните метри се најисцрпувачки дури и на психолошки план, треба да останеме фокусирани, во меѓусебна доверба и така да стигнеме до крајот, рече Османи.

Во врска со заклучоците од идниот Самит на ЕУ, каде Македонија очекува старт на преговор, вели дека генерално се позитивни, но напомена дека не се финални.

- Ќе има уште „инпути“, одлуката за преговори се носи директно на Самитот. Но проценката и оценката за состојбата во државата, а мислам дека и моето обраќање беше навремено и им ја пренесов важноста на одлуката која ќе се донесе месецов, ќе биде судбоносна за иднината на државата, ентиузијазмот што го имаме кон институциите на ЕУ, изјави Османи. 

Според него, доколку успееме да го затвориме прашањето со името ќе имаме силна платформа да ги убедиме сите за датум за почеток на преговори и оние земји, како Франција и Холандија, кои во моментов не го поддржуваат процесот на проширување. 

Додаде дека позициите за Македонија во ЕУ ќе бидат многу потешки ако не се реши името. 

Тој во Брисел го презентираше Планот 18, а во интервјуто за МИА вели дека нагласил дека реформите за државата не биле некој ад-хок процес, туку аргументирал оти неколку дена по препораката бил најдинамичниот период за усвојување на реформите.

- Значи дека ние сме посветени за одржлив е неповратлив процес на реформи. Соодветниот чекор после 369 ќе беше отворање на поглавјата 23, 24 меѓутоа за да не ризикуваме да има дупка помеѓу планот 369 и отворањето преговори го лансираме Планот 18, кој ги има истите столбови како 369 - судство, администрацијата, безбедносни служби, нагласи вицепремиерот.

Целосното интервју со вицепремиерот Бујар Османи, МИА ќе го објави утре

 

 

 

07.06.2018 - 15:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега