Субрата Рој станува сериозен партнер и во британската економија

Индискиот милијардер Субрата Рој, кој одлучи да инвестира во Македонија, го привлекол вниманието и на високи функционери од други земји, пишува Дневник.

Според весникот, Рој ќе стане сериозен партнер и во британската економија. Индискиот центар кој го најави Рој во Британија, ги обезбедил четирите ари земјиште од Универзитетот на источен Лондон. Британскиот премиер Дејвид Kамерон истакнал дека е задоволен што овој центар ќе биде единствениот во светот направен како резултат на соработка меѓу корпорација и универзитет. Универзитетот на источен Лондон пред неколку месеци го прогласи Субрата Рој за почесен доктор по бизнис.

Дневник објавува дека индискиот милијардер во 2010 година го купил хотелот „Гросвенор хаус“, а една година подоцна и хотелот „Плаза“ во Њујорк. Ова се двата најголеми прекуморски договори на Рој. Неговото име сепак најмногу се поврззува со спортот. Тој, пишува Дневник, во 2011 година платил 100 милиони долари за 42.5 % од сопственоста на Ф-тимот на тајкунот Вијај Малја, „Форс Индија“, а една година претходно, платил 370 милиони долари за франшиза за индискиот премиерлигаш во крикет, Пуне.

Дневник пишува дека во 2010 година, Рој размислувал да го купи англискиот прволигашки фудбалски клуб Ливерпул и долгот на филмското студио „Метро-Голдвин-Мајер“. Овие две зделки не се реализирале.

Извор: Дневник

14.09.2013 - 14:01

најчитано сега