Македонија во шок по сообраќајката кај Кочани - граѓаните се нудат да даруваат крв

Македонската јавност е во шок по тешката сообраќјна несреќа пред Кочани во која загинаа две лица а уште три деца се тешко повредени од кои едното е во кома. Премиерот Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров вечерва ги посетија повредените во Ургентниот центар.

- Се преземаат сите мерки, целиот систем е мобилизиран, докторите даваат се од себе. Сите екипи се повикани. Сите повредени се згрижени, главно се невролошки повреди. Веројатно вечерва ќе има и интервенции. Три деца се сместени на Детска хирургија, тие не се во толку тешка здравствена состојба, рече Тодоров.

Според Зоран Зафиров, портпарол на СВР-Штип,  до несреќата дошло откако трактор со кој се превезувале 16 лица, повеќето малолетници кои биле на излет, се превртел во близина на местото Илин дол на патот меѓу кочанските села Пресека и Оризари. Несреќата се случила околу 19 часот и 30 минути. Возачот на тракторот загинал на местото на несреќата.

Во тек е истрагата на местото на настанот. Според првичните информации, децата кои се превезувале во приколката на тракторот се од кочанското село Грдовци на возраст меѓу 14 и 15 години. Социјалните мрежи се полни со коментари на загрижени граѓани кои се молат за животите на децата. Многу од луѓето се нудат и да даруваат крв доколку се јави потреба во Ургентниот центар